Вести Македонија Најважни

Даравелски на слобода: Мириса на изигрување на законот, коментира професорот Кајалџиев

Од Белград до Куманово преку Идризово, патот на Драган Даравелски заврши во родниот град по дводецениско бегство и судска одлука да му ја повтори постапката со што автоматски ќе биде ослободен од 7-годишната затворска казна. Судската одлука за Даравелски мириса на изигрување на законот иако е невозможно да се обвинат два судски совети за поткуп, оценува за Телма професорот по кривично право Гордан Калајџиев. Според него, јваноста во одлуката гледа доказ за неказнивост на функционерите кои заработувале со злоупотреба на функцијата.

Со поинаков лик, по само 35 дена во затвор наместо 7 години, поранешниот директор на Царината Драган Даравелски, претпладнево беше пуштен од Идризово. Надвор го чекаа два автомобили, а воопшто не застана на обидот за изјава.

Даравелски потоа со автомобил со затемнети стакла се упати кон Куманово. Тој вчера доби позитивен одговор на барањето за повторување на судењето што пак го отвора патот за застарување на делото кое му се става на товар.

На новото судење Кривичниот суд ќе треба да констатира дека делото му е застарено за гонење и да го ослободи. Одлуката за повторно судење добила потврда и од Апелација, затоа што му се судело во отсуство.

Кривичен соопшти дека ги примениле одредбите по законот за кривична постапка и по Европската конвенција за екстрадиција според кои ако некој е осуден во отсуство треба да добие можност да му се суди и во негово присуство, ако во рок од една година од денот кога дознал за пресудата го побара тоа.

Судот не соопшти дали и како е проверен рокот од една година за дознавање за првата пресуда. Новата одлука според професорот Калајџиев е далеку од јасна и законска.

-Одлуката е во најмала рака чудна. Да не речам дека отворено мириса на изигрување на законот, некој вид на злоупотреба. Од кои мотиви не знам. Луѓето прво што помислуваат се лукративни мотиви. Да се тврди дека два совети се поткупени исто така е тешко обвинение, вели Калајџиев. -Да се јави лицето откако ќе истече можноста за гонење односно затарување на делото после 20 години и да му се одобри со верување дека лицето кое 20 години живеело во Белград не знаело за сите постапки за него. Па нема човек во Македонија кој не знае дека Даравелски е во бегство и бил осуден. Станува смешно, да не речам трагично, вели за Телма професорот Гордан Калајџиев.

И бегството е казна, не е затвор, ама не е ниту слобода, вели Калјаџиев кој смета дека судската одлука на скопските судови повторно покажува дека функционерите се недопирливи и не се во ист ред за делење правда со обичните граѓани.

Покрај тоа не е познато дали Даравелски ќе може да си го бара и имотот конфискуван од државата за наплата на штетата.

-Го руши системот. Системот е заснован на застрашување, дека ако крадете веројатно ќе ве фатат и дека кога ќе ве фатат веројатно ќе лежите. И поради тоа не ви исплати да крадете. Прво луѓето гледаат дека многумина не одговараат, а друго и тие што ќе бидат осудени на крај не лежат, не е Даравелски единствен, има и други кои на еден или друг начин избегнале казна. И останува чувството дека системот е корумпиран, вели професорот Калајџиев.

Кривичната одредба кажува дека од криминал никој не смее да има корист, но сепак во Македонија правда делат македонски судии.

Миомир Серафиновиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Шекспир и Сервантес во фокусот на Денот на книгата во Скопје – предавања на евроамбасадорот Гир и шпанскиот амбасадор Гарсија на Филолошки

Дејан Дејан

Врховен во четврток со втора јавна седница по жалбата на Александар Ѓорчевски, татко на убиената Вања

Дејан Дејан

ДИК: Мирен изборен ден, гласаа 94 отсто од болните и изнемоштени лица, до 17 часот и над 50 отсто од пријавените во дијаспората

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе