Вести Економија Најважни

ЕСМ купила струја по цени далеку повисоки од оние на берзата, тврдат финансиска штета нема

ЕСМ неколку дена купува струја од приватни фирми по цена далеку повисока од онаа на слободниот пазар и берзата ХУПЕКС. За периодот од 24 декември заклучно со 1 јануари, распишани се четири набавки од кои една е откажана и склучени се договори со три приватни фирми – „Данске Комодитис“, „Дуферко“ и ГЕН-И продажба.

За овој период се купени вкупно 19.940 мегават часови струја, која според пресметките на Телма чини во просек 172 евра за мегават час.

Ако се погледне договор по договор и се споредат пиковите, односно повисоките цени кои тој ден биле официјални на берзата, може да се забележи огромна разлика.

За периодот 24 и 25 декември, кога има и најмала разлика, ЕСМ склучува договор за набавка на 4.800 мегават часа струја со фирмата ГЕН-И по цена од 139,47 евра за кои ќе плати вкупно 670 илјади евра. Доколку струјата беше купена од слободниот пазар по берзантска цена ЕСМ ќе платеше 45 илјади евра помалку.

За периодот 27 и 28 декември ЕСМ ќе купи 2.640 мегават часа струја од компаниите ГЕН-И продажба, „Дуферко“ и „Данске комодитис“ по цена од 178 до 197 евра за мегават час. Тие два дена на берзата ХУПЕКС цената на струјата е 131, односно 110 евра, или во просек 121 евро за мегават час.  За струјата ќе плати вкупно 495 илјади евра, но ако се купело по цената на ХУПЕКС ЕСМ требало да плати 319 илјади евра, или 176 илјади евра помалку.

За периодот од 26 декември до 1 јануари ЕСМ купува 10.500 мегават часови струја од „Данске комодитис“ по цена од 158,89 евра за мегават час. Тоа значи дека купува по 1.750 мегават часа струја дневно. Цените во овие денови на ХУПЕКС берзата варираат, но не се ни блиску до цената која ја плаќа ЕСМ бидејќи се движат во распонот од 58 до 131 евро. Ако се пресмета днево колку изгубил ЕСМ плаќајки ја фиксната цена од 158 евра се доаѓа до сумата од  570 илјади евра, или вкупно 790 илјади евра кои ЕСМ ги платила повеќе затоа што не купувала по берзантската цена.

Од ЕСМ соопштија дека набавките се поради испадите во Осломеј и РЕК Битола и дека цените на рефернтната берза ХУПЕКС се од „информативен карактер“.

ЕСМ Продажба и АД ЕСМ никогаш не купувале директно од берза, туку објавуваат повици за снабдување на кои можат да дадат понуда производители или трговци од земјата и странство. Цените дадени на Хупекс се од информативен карактер и крајната цена содржи дополнителни издатоци за закуп на капацитети и за пренос, соопштија од ЕСМ.

Според ЕСМ пресметките на Тeлма и на другите медиуми се неточни и нема никаква финансиска штета.

Огнен Чанчаревиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Македонија со скок од 19 места во однос на слободата на медиумите, медиумските работници со потпросечни плати и изложени на закани и напади

Дејан Дејан

Тажни сцени пред „Рибникар“: Родителите на убиените деца пристигнаа пред училиштето да оддадат почит на жртвите

Дејан Дејан

Осигурителните компании разочарани од одлуката да се врати старата цена на полисите

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе