Тензиите на Косово и во односите меѓу Белград и Приштина не запираат и покрај обидите на меѓународната заедница, предводена од специјалниот европски претставнил Лајчак и американскиот дипломат Ескобар, да се деескалира ситуацијата.
По вчерашната одлука на Косовските власти до чешкото претседателство на Европската Унија денеска да поднесат барање за прием во членство во Унијата, српскиот претседател Александар Вучиќ оцени дека со тоа властите во Приштина и официјално го прекршуваат договорот од Вашингтон, најавувајќи дека одговорот на Белград ќе биде познат по вечерашната владина седница.
Според Вучиќ, по таа седница, на која ќе се одлучува и дали Србија до КФОР, во согласност со резолуцијата 1244 на ОН ќе поднесе барање за враќање на српската војска на Косово и Метохија, ќе бидат соопштени и прецизни детали за тоа кои земји го повлекле признавањето на независноста на Косово.
Оваа идеја или можеби попрецизно кажано, дипломатска провокација на Вучиќ наиде на остро спротиставување на американскиот дипломат Ескобар, кој потврди дека властите во Приштина имаа силни безбедносни гаранции од Соединетите американски држави.
Во своето годишно обраќање пред пратениците во Собранието во Приштина, идејата на Вучиќ, како хегемонистичка ја оцени и претседателката на Косово, Вјоса Османи.
Александар Вучиќ многу добро знае дека присуството на српската војска на Косово, заврши во 1999-тата година, порача Османи, додавајќи дека Србија треба јасно да сфати дека Косово е и засекогаш ќе остане држава, при што дијалогот меѓу Приштина и Белград треба да заврши со меѓусебно признавање.
Инаку, барањето на Косово за прием во Европската Унија според сите реални анализи е само дополнително зголемување на влогот во актуелниот спор и речиси неверојатно е да добие поддршка во ситуација кога 5 од 27-те земји членки на ЕУ – Словачка, Романија, Шпанија, Грција и Кипар не ја признаваат независноста на поранешната српска покраина.
На северот од Косово продолжуват протестите и барикадите заради апсењето на поранешниот полицаец Дејан Пантиќ.
Косовоската полиција не дозволува минување преку граничните премини Јариње и Брњак.
Кризниот штаб во Митровица апелираше до српските граѓани да останат мирни и да не дозволат да бидат испровоцирани.
Никола Илиевски