ЕСМ се уште нема поднесено барање до Министерството за животна средина за измена на дозволата, за да може да користи и дизел во топланите. Ако се дојде до ситуација, да мора да се употребува ова гориво, постапката за промена на дозволата е 90 дена. Сепак од ЕСМ уверуваат дека процесот може да биде пократок , без да откријат како може да се случи тоа. Велат дека дизелот е многу подостапен од мазутот , но тврдат, без да ги обезбедат сите потребни документи нема да почнат со неговата употреба.
Тоа ќе се прави во наредниот период. Во случај на криза со природен гас која не зависи од нас мора да сме подготвени да го промениме горивото од природен гас во дизел и работиме на тоа. Тест проба нема да се прави без исполнување на сите еколошки и технички дозволи. Може да се забрза постапката,да, вели Александра Маројевиќ, помошник на директорот за производство во ЕСМ.
Во моментов дозволата која ја имаат топланите Исток и Запад овозможува тие да користат исклучиво гас, но ако дојде до ситуација да го нема на пазарот, во тој случај може како замена да работат на мазут и тоа само 10- тина дена.
Од ЕСМ појаснуваат и дека сметките за парно ќе бидат испорачани со мало задоцнување. Но дека, со добивањето на фактурата граѓаните ќе имаат доволно време да платат без да им биде пресметана камата.
Потрошувачите кои до сега плаќале со траен налог ќе треба во договор со банката да го регулираат трајниот налог за да пристигнуваат парите на сметките на ЕСМ Снабдување… Сметките во сите банки се отворени, останува само банките и потрошувачите да ги регулираат односите. Оние кои плаќаат електронски, преку шаблон во сметката, ќе бидат наведени трансакциските сметки кои ќе треба да ги корегираат и да ги внесат во шаблонот за да нема префрлсање на пари на претходниот снабдувач, вели Александра Маројевиќ, помошник на директорот за производство во ЕСМ.
Домаќинствата пак кои се приклучени на таканареченото Железарско парно веќе 4 месеци не добиваат фактури, главно поради владините субвенции. Од ЕСМ уверуваат дека до крајот на месецов ќе ги добијат оние за осми и девети месец. Во меѓувреме, се уште трае обновувањето на договорите за парно со новиот снабдувач. Иако, од ЕСМ велат дека на пунктовите времето за чекање е значително намалено,останаа околу 40 илјади домаќинства кои не го сториле тоа.
Сотир Трајков
