Екипите на ЕВН денеска влегоа во Арачиново, за да направат увид во електричната мрежа и да ги лоцираат местата каде што се крадат огромни количини струја поради кои настанаа дефектите во електричната мрежа, а кои оставија голем дел од селото со денови без струја.
При денешната нивна инспекција, екипите на ЕВН наидоа на искорнати кабли за струја, со што се потврди она за што и претходно кажуваа дека честите дефекти се поради неконтролираното крадење на струјата.
Од ЕВН за Телма велат дека ова е прва фаза во која се врши проверка на мрежата, лоцирање на дефектите и местата каде се краде струја, а потоа ќе се спроведува планот за реконструкција на мрежата и дислокација на броилата кои во меѓувреме се уништени од локалното население. Времетраењето на оваа фаза не може да се прецизира со оглед дека екипите туку што излегоа на терен, велат од ЕВН, но додаваат дека може да трае со месеци.
Од компанијата претходно одбиваа да испратат екипи да ги санираат дефектите, оправдувајќи се дека биле физички напаѓани, иако во полиција немало никаква пријава. Според пресметките на компанијата, во селото годишно се краде струја вредна шест милиони евра.
