Нов рекорд на инфлацијата од 14, 5 проценти во јуни, во споредба со јуни лани измери статистика. Кај храната најголемо поскапување има кај маслото од над 50 отсто, кај лебот од 30 проценти. За околу 20 отсто зголемување на цената има кај млекото, сирењето, јајцата. А месото поскапело за 18, 4 проценти. Експертите се сериозно загрижени за состојбата со инфлацијата. Предлагаат државата да ја прошири листата со мерки, кои треба да го ублажат ударот.
Мерките кои се преземени сметаме дека треба да продолжат за да може, на некој начин, да се држи во место трендот на секојдневен раст и да се воведе замрзнување на цените, вели Сузана Јодрановска, Претседател на универзитетскиот сенат на УМТ.
Народната банка пак да продолжи со рестриктивна монетарна политика, за намалување на инфлаторните притисоци.
Гледаме дека се зголемува стапката на НБРМ, но и има притисоци од разни групи синдикати за зголемување на плати што е нормално. Владата ја има и оваа фунцкија на стабилизација на економијата кога не е стабилна. Ние имаме препорака, монетарната политика да биде порестиктивна, но и Владата да води внимателни експанзивни политки, вели Рилинд Адеми, професор по економија.
Дел од експертите претходно предупредија на ваков ценовен шок, со оглед на тоа што се донесе одлука привремено да бидат прекинати антикризните мерки. Но кон средината на јуни повторно се вратија ограничените маржи, а се укинаа и дополнителните трошоци. НБРМ пак од почетокот на годинава, три пати ја зголеми основната каматна стапка од која зависат какви ќе бидат каматите на кредитите и депозитите кај останатите банки. И меѓународните финансиски институции предупредуваат на продлабочување на инфлацијата, но и дека постојат ризици од рецесија.
Ирена Чачкова
