Владата тврди дека некои компании ги манипулираат граѓаните, се однесуваат неетички и вештачки ги зголемуваат цените и ќе бара од инспекциските служби да ги санкционираат но нејасно е како и по кој основ бидејќи во моментов нема ниту една активна мерка која ги ограничува маржите на трговците.
Вицепремиерот Фатмир Битиќи кажа дека го следат развојот на цените на слободниот пазар и забележале скок на цените и нагласи дека однесувањето на некои компании било некоректно и неморално бидејќи манипулирале со цените односно со граѓаните.
Тој побара од инспекциските служби да излезат на терен.
Од пазарната инспекција најавија дека нивните тимови ќе излезат на терен но ќе проверуваат дали истакнатите цени кај трговците се евидентирани и формирани согласно правилник.
Оттаму додаваат дека вчера и завчера добиле поплаки од граѓани кои се жалеле на промените на цените кои се поскапи за 10 до 30 денари како во случајот со маслото за јадење.
Во моментов во Македонија цените на основните продукти се делумно исти како и во регионот со мали разлики но фактот е дека во државата има најниска просечна плата и со тоа и најамала куповна моќ на граѓаните.
Кога станува збор за нови антикризни мерки и помош за населението и бизнисите Битиќи повтори дека со ребалансот на Буџетот се обезбедни 73 милиони евра со кои ќе се поддржи стандардот на граѓаните и ликвидноста на стопанството.
Сепак мерките нема да бидат сеопфатни односно ќе бидат таргетирани за социјалните групи на граѓани како и за бизниси во опасност.
Огнен Чанчаревиќ
