Со финалето во Лигата на шампионите се затвора сезоната во европскиот клупски фудбал. За трофејот во елитното натпреварување ќе се соочат Ливерпул и Реал Мадрид.
Париз и стадионот Стад франс ќе бидат домаќини на дуелот во кој Кралскиот клуб ќе атакува на 14-от, а Ливерпул на седмиот трофеј. Во репризата од финалето од пред четири години тимот од Енфилд ќе се обиде да се реваншира за поразот во Киев, а Реал има шанса да стигне до петтиот триумф во последнава деценија.
Ливерпул по десетти пат во историјата ќе се бори да се искачи на тронот и со евентуална победа да се израмни со Милан на втората позиција на вечната листа со седум пехари. Реал во минатото има 16 финални настапи и само три порази, но во последните шест не ја почувствувал горчината на поразот.
Двата тима до вечерашниот натпревар во Париз одиграле осум меча во кои четири пати на победа се радувале Шпанците, три триумфи има Ливерпул, а само еден дуел завршил нерешено. Карло Анчелоти има можност да избие на првото место на листата на најтрофејни тренери во елитното натпреварување каде во моментов со три пехари е израмнет со поранешните предводници на Ливерпул и Реал Мадрид, Боб Пејсли и Зинедин Зидан, а Јирген Клоп може да ја продолжи доминацијата на германските тренери и да се освои четвртиот трофеј во низа.
Анчелоти и Клоп на располагање ги имаат сите фудбалери. Во составот на Реал Мадрид се враќа Давид Алаба, а со полн интензитет во последниве денови тренираа двајцата стартери во Ливерпул, Тијаго Алкантара и Фабињо.
