Не успеа предлогот на Европската унија за воведување на целосно ембарго на руската нафата, бидејќи Унгарија, Словачка и Чешка не ги поддржуваат новите санкции, велејќи дека истите негативно ќе се одразат врз сопствените економии.
Европската комисија даде нов предлог Унгарија и Словачка да може да купуваат руска нафта до крајот на 2024 година, додека пак на Чешка ќе и биде дозволено до јуни 2024 година доколку порано не започне да добива нафта преку гасовод од јужна Европа.
Петседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен го повика 27-члениот блок да го забрани увозот на сурова нафта од Русија во шестиот пакет санкции кој треба да стапи на сила шест месеци по усвојувањето на мерките.
Денеска се осврнуваме на нашата зависност од руската нафта. И да разјасниме, нема да биде лесно бидејќи некои земји-членки се силно зависни од руската нафта. Но, ние едноставно мора да го направиме тоа. Така, денес ќе предложиме да се забрани целата руска нафта од Европа. Ова ќе биде… Ова ќе биде целосна забрана за увоз на сета руска нафта, по море и нафтоводи, сурова и рафинирана, изјави Урсула фон дер Лајен, претседателка на Европска комисија.
На предлогот за воведување ембарго на руската нафта реагираше и Бугарија која побара исклучоци, доколку другите земји ги добијат, но не и беа понудени отстапки за роковите.
Украинскиот претседател Зеленски ја повика Европската унија да се погрижи сите земји во блокот да се согласат да ја намалат нивната зависност од руската енергија и да не прави исклучоци за поединечни земји.
Не играјте. Ако разбирате дека не можете без оваа енергија, тогаш кажете дека ќе можете без неа за два месеци, и постигнете договор. Не правете исклучоци за поединечни земји, дејствувајте заедно. Ова е суштината на обединета ЕУ, ова е суштината на фразата „Европска унија“, рече украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Молк за предложеното ембарго има од француските политичари кои најверојатно стравуваат од нови тензии со движењето Жолти елеци, чии протести ја потресоа земјата во 2018 и 2019 година, додека пак главните германски индустриски здруженија изразија јасна поддршка за плановите на ЕУ, иако тие рекоа дека тоа ќе биде предизвик.
Според податоците на Центарот за истражување на енергија и чист воздух од почетокот на војната до денес, 27-те земји-членки на Европската унија потрошиле повеќе од 20 милијарди евра на руска нафта, со што унијата претставува најголемиот нафтен клиент на Русија, купувајќи околу 2,2 милиони барели сурова нафта, заедно со 1,2 милиони барели рафинирани производи на дневна основ. Воведувањето на ембаргото кои треба да бидат изгласано со апсолутно мнозинство од сите членки на Европската унија, најверојатно ќе резултира со дополнително зголемување на цените на горивата, кои во моментов изнесуваат највисоко од времето на светската економска криза од 2008 година.
Мартин Николовски
