По Вашингтон и Брисел, и официјална Анкара одбила Арифи да биде амбасадорка на Македонија во Турција, пишува весникот Коха.
Официјални извори за весникот тврдат дека по одбивањето на Вашингтон и Брисел, Владата и Министерството за надворешни работи на Македонија се обиделе да ја испратат Арифи за амбасадорка во Анкара, Турција. Сепак, официјалната реакција на Република Турција била брза, одговорот бил дека агреманите нема да бидат одобрени.
Според Коха, несогласувањето на Европската Унија, Теута Арифи да биде амбасадорка во Брисел, како што во петокот објави МКД.мк, се случило неколку дена откако МНР го испратило предлогот, по што експресно следувало испраќањето на името на Теута Арифи како предлог за Анкара. И Турција не се согласила со овој предлог.
Претходно и Вашингтон го премолче предлогот Теута Арифи да стане амбасадорка на Македонија во САД. Молкот на Стејт департментот за овој предлог значеше дека Арифи нема да може да ја претставува Македонија како амбасадор во Вашингтон.
Кандидатурата на Арифи за амбасадорка во Вашингтон, а потоа и во Брисел, предизвика бројни реакции во јавноста и меѓу опозицијата. Таа до ланските локални избори беше градоначалничка на Тетово, а откако изгуби, новата локална власта ја обвинуваше за злоупотреби на општинските пари и неспособност во раководење со општината.
МНР пак демантираше дека воопшто била предложена за амбасадор во Брисел, во ЕУ за каде што се уште не бил определен кандидат.
Со амбасадорска функција се добива и дипломатски имунитет што може да ја заштити Арифи од определени постапки доколку бидат отворени по обвинувањата на новата власт во Тетово, предводена од лидерот на Беса Билал Касами.
