Во светот годишно 2, 8 милиони луѓе ги губат животите заради несреќи или заболувања поради работа. А, во Македонија само во минатата година 30 работници починале, а 1.508 биле тешко повредени на работните места, покажуваат статистиките. Градежништвото е најризична професија во земјава, а под него се рударството и земјоделството. Причини за тоа има повеќе, велат експертите.Иако европските директиви се преточени во нашите закони, тие не се применуваат во целост . Постојат и недоречености и празнини во професионалниот пристап, а недостасува и анализа на поединечните случаи на загрозена безбедност и здравје при работа.
Не само податоци за да можеме да се пофалиме со одредени бројчиња. Туку податоци кои всушност ќе бидат анализирани. Податоци кои ќе дојдат до ситуација секоја несреќа да биде анализирана заради тоа што не треба да се повтори, изјави експертот за безбедност и здравје при работа, Милан Петковски.
Промашен е пристапот на работодавачите кои заради Трудовиот инспекторат проценката на ризик по безбедноста на работниците ја имаат само на хартија. Потребен е поголем пристап кон превенцијата, отколку кон санирање на повредите, несреќите или непочитување на законските одредби. Професорот Јовевски кажа пример за работник, ангажиран на градилиште на плоштадот во Скопје, кој двапати бил опоменат заради неносење заштитна опрема за работа на скелиња. Третиот пат кога дошла инспекцијата, работникот кој и тогаш бил без заштита, брзајќи да ја стави, паднал и се повредил.
Укажува на еден суштински проблем кој ни се случува во делот на градежништвото. Свеста кај работникот, свеста кај работодавачот. Аспектот, би рекол за одговорност, вели професорот Јовевски.
Според Меѓународната организација на трудот секоја неразвиена земја губи 4% од БДП за покривање надоместоци за несреќи при работа, а во Македонија од проценет 10 милијарди буџет, трошокот изнесува 422 милиони евра. Државава има стратегија за БЗР, до 2025 година и Акциски план за нејзино спроведување, а се подготвуваат измени на Законот за БЗР.
Сотир Трајков
