Премиерот Ковачевски не открива дали побаравме 900 милиони евра кредит од ММФ како што се шпекулира во јавноста за да ги покриеме дупките во буџетот од воената криза со Украина. Вели финансии ги прават последните пресметки за ребалансот на буџетот, а ММФ неделава доаѓа на увид и оценка дали ги исполнуваме условите за кредит кој би бил со камата од 1 процент. Најави дека наредната недела ќе бидат познати контрурите на прекроената државна каса. Во неа годинава беше планирано да се потрошат над 4,4 милијарди евра, премиерот вели со ребалансот ќе се заштедат 100 милиони.
За експертите најавата за задолжување од 900 милиони евра е превисока. Каматата стапка од 1 процент што се споменува е добра, но велат мора да земеме толку пари колку што би ни биле потребни,не повеќе бидејќи секоја година расте сумата која се одлева за камати за стари долгови.
Најавата за задолжување од 900 милиони евра ми се чини дека е превисока,затоа што во буџетот за 2022 година, што е нели сега на сила се предвидени околу 350 милиони евра задолжување надвор, и сега тој износ оддеднаш се зголемува на 900 милиони евра што е премногу. Каматните плаќања од буџетот на државата секоја година растат. Во оваа година 2022 се предвидени да бидат околу 170 милиони евра. Значи 170 милиони евра давате сите вие во Македонија, преку даноци за плаќање на камати за стари долгови. Исто толку пари дава државата за социјална помош. Така што наместо да се помагаат сиромашните се даваат пари на банки и други финансиски институции и тоа е неодговорно однесување со државните пари, вели Бранимир Јовановиќ од Виенскиот Институт за меѓународни економски студии.
За Јовановиќ најважно е како ќе се трошат парите. Очекува до крајот на годината јавниот долг да порасне и да се движи во границите од 60 до 65 проценти од БДП.
Ако парите се потрошат како што се потрошија за време на корона кризата на помагање на високопрофитабилни компании, завршат во рацете на газдите на компаниите наместо кај работниците, завршат кај кладилници и приватни болници и слично, тоа ќе биде неодговорно трошење на пари и тоа ќе направи повеќе штетат отколку корист. Од друга страна ако парите завршат кај оние кај кои им требаат најмногу а тоа се најсиромашните граѓани и работницитѕе со ниски примања и малите фирми, тогаш тоа ќе има позитивни ефекти, вели Јовановиќ.
Она што се знае е дека со ребалансот на буџетот ќе се снижи проекцијата за раст на БДП од 4,2 на 3,2 проценти. А ќе расте буџетскиот дефицит од 4,3 на над 6 проценти, или од сегашните над 500 милиони би стигнал до над 700 милиони евра – пари кои кои не беа планирани и ќе треба да се позајмат.
Александра Филиповска
