Вести Економија Македонија Топ вести

Хајредини: Намалувањето на маржите за трговците е исто како функционерите да работат без плата

Се заплетка ли Владата во мерките што самата ги носи за справување со шоковите од кризата?!

Требаше да ги ублажи последиците- но во пракса најголемиот товар од кризата го префрли на компаниите и на граѓаните.

Па сега цехот од мерките кои требаше да го амортизираат повисоките цени на енергенсите и храната од руската инвазија на украина, го плаќаат бизнисот – преку ограничената или анулирана заработувачка како и граѓаните за кои практично се поскапе.

Експертите се категорични – владините мерки се повеќе популистички и за билдање рејтинг- отколку добро осмислени и применливи во пракса.

„Не може некого да тераш, приватен бизнисмен да продава леб со нула добивка. И тоа значи исто како господата министри да работат бидејќи е криза без плата. Товарот на последиците сега катастрофално не се одразува праведно кај сите туку кај еден сегмент, прво фирмите кои се занимаваат со снабдување на прехрамбени продукти и дериватите.“ – вели поранешниот министер за финансии, Џевдет Хајредини.

Надлежните во изјавите се заплеткуваа, па како растеше паниката и кризата – едно кажуваа па се повлекуваа.

Се тргна со замарзнувањето на цените на храната па потоа од 1 март со  одмрзнувањето на цените на храната и замрзнувањето на маржите за трговците. И погрешните анализи кои за владините претставници покажале дека цените на храната нема да растат- туку ќе се намалуваат.

„Ние очекуваме за производите кои ги наведов, тринаесетина се производи, а финални производи се некаде десет производи, да има намалување. Во случај да нема, секако ќе се засилат контролите“ – тврдеше министерот за економија, Крешник Бектеши.

Но праксата покажа повисоки цени токму на таргетираните производи- но и празни рафтови по продавниците. Рекордно високи цени на горивата- и колони возила на бензинските.

Па Владата реши да ги собере експертите и бизнисот и да договорат нови мерки. Експертите препорачаа државна помош за компаниите и за граѓаните- владата одлучи уште да им ги намали маржите на трговците.

Ги обвини дека се воени профитери. Им прати и инспекциите- паднаа и казни за 7 големи маркети од 7.000 евра оти не ги намалиле маржите.

Но вчера инспекторите прстот го вперија кај производителите. Сега ќе контролираат дали цените пораснале оти нив им поскапеле суровините и трошоците за производство.

„Ние сега нашите инспекциски надзори покрај трговците ќе ги насочиме и кон производителите да утврдиме на каков начин тие ја формираат цената“ – изјави вчера директорката на ДПИ, Анета Симеска Димоска.

Владата донесе 26 мерки кои според нејзините пресметки чинат 400 милиони евра.  Намалената акциза и ДДВ требаше да ги намалат цените на горивата.

„Дизелот наместо 85, 5 денари би се намалил за 10,5 денари и би изнесувал 75 денари. Бензинот наместо 91,5 денари би се намалил околу 11,5 денари и би изнесувал 80 денари- изјави Ковачевки“ – тврдеше премиерот Ковачевски на 9-ти март.

Но додека собранието ги донесе измените- берзите и Регулаторна ги дигнаа цените на горивата.

Регулаторна донесе одлука да ги намали и маржите на трговците со нафта  сури за 33 проценти.

Вети ќе ги врати кога собранието ќе ги усвои измените.

А со изјавите ретерираше и првиот финансиер Бесими. Само пред две недели тврдеше дека буџетот е стабилен има пари за справување со кризата и нема потреба од ребаланс.

За сега да каже – се прават пресметки, ребаланс ќе има.

И отако функционерите воопшто не разговарале – а јавноста  ги повикаа да покажат солидарност која ја бараат од компаниите и граѓаните– да си ги намалат платите, да се откажат од службените возила и други трошоци, Бесими сега вели- одлука за штедење ќе има.И тоа не само за министрите – туку ќе треба да ја применуваат и градоначалниците и директорите.

Александра Филиповска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

(видео)Жерновски: Во која европска земја после Бугарија, има најмногу бугарски државјани во својата влада?

Дејан Дејан

Инфлација под 3 проценти, анализа на цените – Кога ќе поевтини храната?

Дејан Дејан

ПИОМ е неликвиден, доцни со уплатите во вториот пензиски фонд и во ФЗО

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе