„САД имаат разузнавачки податоци дека руските трупи добиле наредба за инвазија на Украина“, јавува американската телевизија CBS според која командантите ги „финализираат плановите на терен“.
Американската разузнавачка служба вели дека руските трупи всушност добиле команда да почнат со инвазијата“, соопшти Дејвид Мартин, новинарот на CBS задолжен за известување за национална безбедност.
„Значи, не само што се приближуваат на границата и позициите за напад, туку и командантите на терен прават конкретни планови како ќе маневрираат во својот сектор на фронтот. Прават сè што би правеле американските команданти ако добијат команда за напад“, додаде Мартин.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен кажа дека сè укажува на тоа дека инвазијата е спремна.
„Сè што гледаме сугерира дека ова е смртно сериозно, дека сме на раб на инвазија. Веруваме дека претседателот Путин донел одлука, но додека тенковите не тргнат и авионите не полетаат, ќе ја искористиме секоја прилика и секоја минута за да видиме дали дипломатијата може да го одврати претседателот Путин од тоа“, изјави Блинкен.
Рускиот амбасадор во Вашингтон, пак, ги отфрли тврдењата на Западот дека Москва планира инвазија на Украина. „Русија не се обидува да одземе територија на други земји“, кажа амбасадорот Анатолиј Антонов, а пренесе РИА Новости.
„Не постојат планови за инвазија на Украина“, тврди Антонов.
Во меѓувреме двете страни се обвинуваат меѓусебно за воени дејствија и провокации во Донбас регионот во источна Украина кој повеќе од 6 години е под контрола на проруски сепаратисти.
Од друга страна и покрај барањата на европските сојузници, САД засега не ги споделуваат разузнавачките информации за можна руска инвазија.
