Две комбиња кои беа сопственост на „Беса Транс“ а сега се регистрирани на името на „Ројал Травел“ и „Беса транс 2“ вчера се запрени на пат кон Попова Шапка од службеници во Државниот инспекторат за транспорт. Без лиценца и извод од лиценца за комбињата превезувале патници, деца, на кои им наплатиле на рака по 250 денари за превозот.
Инспекторите не им дозовлиле да го продолжат кон ски центарот, ги исклучиле од сообраќај и им ги одзеле сообраќајните дозволи. Според инфомациите на Телма инспекторатот утре ја почнува прекршочната постапка.
Ако тоа не е доволно, „Ројал Травел“ која екс возачот на „Беса Транс“ и соселанец на Хаџиу ја основаше еден месец по трагедијата во Бугарија, на социјалната мрежа „Фејсбук“ нуди аранжмани за Истанбул, три дена со две ноќи за 99 евра и гратис ПЦР тестирање. Утрово на „Фејсбук“ се вклучија во живо од зад волан на автобус. „Добро утро од Истанбул“ порачаа од компанијата.
А од економија и транспорт и врски официјално потврдија „Ројал Травел“ нема лиценца за турстичка агенција, нема лиценца за превоз на патници и нема извод од лиценца за било какво превозно средство.
Комбињата кои беа сопственост на „Беса Транс“, веднаш по трагедијата во Бугарија, беа паркирани во Рашче каде потоа им ги извадија налепниците со логото на компанијата. Во меѓувреме сопственици станаа поранешни возачи во „Беса Транс“ инаку соселни на Хаџиу од Рашче и жител на Кондово. По сторијата на „Телма“, комбињата повторно ги сменија сопствениците и овој пат се регистрирани на имињата на двете компании „Ројал Травел“ и „Беса Транс 2“ основана од сопругата на Хаџиу во август минатата година со адреса во селото Рашче.
Вчера и Град Скопје откри едно комбе, регистрирано на име на „Ројал Травел“ а порано сопоственост на „Беса Транс“ кое превезува патници. Изречена е казна и отворена е постапка која ќе биде предадена на надлежните министерства.
Огнен Чанчаревиќ