Владата во пет до 12 најде решение скопјани утре да не се разбудат покрај студени радијатори. Иако се закануваше, на крај ретерираше – нема да ги одземе лиценците на БЕГ, туку преку ЕСМ привремено ќе управува со компанијата до крајот на грејната сезона. И тоа преку Уредба со која ќе може да се прогласи кризна состојба, сега и на пазарот со топлинска енергија. Одлуките и договорите, и со БЕГ, и со Скопје Север ќе се потпишуваат идната недела, кога и официјално ќе имаме и нова влада.
Со договорите за деловно-техничка соработка сите права и обврски кои ги имале субјектите ќе мируваат, а правата и обврските кои ќе настанат во време на важење на договорот ќе бидат на ЕСМ. АД ЕСМ ќе го менаџира целокупното финансиско работење преку посебна сметка и за истото ќе доставува извештаи до владата во континуитет. АД ЕСМ веќе поседува лиценци за топлинска енергија и истите ќе бидат проширени откако ќе се добие согласност од РКЕ, рече Бектеши.
Денеска е потпишан договор меѓу ЕСМ и ТЕ-ТО со кој пак ТЕ-ТО ќе работи во полн капаците од 5 наутро до 1 после полноќ секој ден во неделата, и ќе ги продава вишоците на струја на ЕСМ по цена од максимални 170 евра за мегават час до крајот на јануари, а со тоа ќе се обезбеди и топлинска енергија. Директорот на Регулаторна Бислимовски уверува дека скопјани ќе имаат квалитетно парно греење до крајот на грејната сезона.
До завршувањето ан грејната сезона, целиот овој бизнис со топлинската енергија о градот Скопје ќе биде под целосно управување на најголемата државна компанија од областа на енергетиката, а тоа е ЕСМ. Граѓаните да бидат сигурни дека ќе имаат непречена испорака на топлинска енергија, рече Бислимоски.
За тоа што и утре ќе има парно, се погрижила ТЕ-ТО, таа ќе дава гас на БЕГ на одложено плаќање.
Вистина е дека ресурсите на БЕГ се истрошени заклучно со денешниот ден, меѓутоа со договор со Владата земавме обврска ТЕ-ТО на одложено плаќање да го дава гасот на БЕГ до крајот на идната недела, рече Димитар Ковачевски.
Разликите во ставовите и неизвесноста дали утре ќе има парно за скопјани, Владата и приватните компании ги надминале со разговор, кажа вицепремиерот Битиќи.
Се случи разговор на две страни кои се обидоа да станат поразумни, и БЕГ и ТЕ-ТО ги најдоа сите начини да бидат соработливи, рече тој.
Владата ќе ја субвенционира и разликата меѓу реалната и актуелната цена на топлинска енергија која од почетокот на годинава се зголеми за 14 проценти. Колку пари од буџетот ќе не чини справувањето сега и со „топлинската криза“, од владата велат ќе се знае наредната недела.
Александра Филиповска
