Владата и Регулаторна ќе ги спасуваат снабдувачите со топлинска енергија ако Град Скопје и општините се согласат да учествуваат во финансиската помош. Целта е граѓаните во Скопје да имаат топли радијатори во текот на целата грејна сезона, а особено во овој период кога на минусни температури се соочуваат со ладни или млаки радијатори.
Планот на Владата и Регулаторна е 80 отсто од разликата меѓу актуелната и реалната цена на топлинската енергија, која зависи исклучиво од цената на природниот гас, да ги надополнат тие, а 20 отсто Град Скопје и Општините. Парите ќе се уплаќаат директно на сметка на снабдувачите.
Тоа значи дека доколку има согласност од сите страни, регулаторите повторно влегуваат во канцеларии и ги прават пресметките и значи дека ќе има повторно покачување на цената на парното, со која граѓаните нема да бидат опфатени. Тие ќе плаќаат 14 отсто повисоки сметки како што беше одлучено на 31 декември минатата година.
Претседателот на Регулаторна уверува дека целиот товар со евентуалното ново поскапување ќе падне на Владата, Град Скопје и Општините.
Според првичните проценки, станува збор за сума од 6 милиони евра со кои би се покрила разликата меѓу сегашната и евентуално поскапената цена на парно греењето. Од нив 5 милиони би обезбедила Владата, а еден милион Град Скопје и Општините.
Алиса Шутиноска
