Младата македонска фудбалска репрезентација одигра 1-1 против Украина на домашен терен во рамки на квалификациите за Европското првенство во 2023 година.
Нашите надежи имаа сериозни потешкотии во играта во првото полувреме, по кое гостите заслужено водеа со 0-1. Украинците доминацијата ја крунисаа во 43.минута, кога по еден корнер Олександер Сирота погоди во мрежата на Денковски.
Томче Гроздановски го обезбеди бодот за тимот на селекторот Драган Канатларовски, кој искористи една грешка во одбраната на Украина и во 58.минута реализираше за 1-1.
По пет одиграни натпревари Македонија е трета во групата Х со шест бодови. Украина е втора со 10 бодови, додека лидер е Франција исто така со 10 бодови, но има и натпревар помалку. Токму против фаворитот го играме следниот натпревар во вторник, повторно во Скопје.
