Денеска напладне заврши рокот за аплицирање по електронски пат за годишните конкурси по дејности, за финансирање проекти од национален интерес за 2022 година.Од страна на службите во Министерството за култура е направено сè за процесот на електронското пријавување да оди лесно и да се спроведе беспрекорно, сведувајќи ги на минимум евентуалните предизвици за апликантите, велат од ресорот Култура.
- На заемно задоволство, можеме да информираме дека остваривме успешен процес на електронско пријавување на годишните конкурси, нешто што корисниците со години го бараа. Изразуваме благодарност до апликантите кои со позитивна реакција и активно учество ја прифатија оваа новина, и со кои во текот на процесот заеднички ги надминувавме тешкотиите што се јавуваа од ова ново искуство за сите нас, велат од Министерството за култура
Годинава за првпат е воведена електронска апликација за конкурирање по дејности. За да им излезе во пресрет на корисниците, поради новиот начин на аплицирање што отвори нови прашања, Министерството го продолжи рокот за 5 дена – до денеска, напладне, од првично најавениот рок, до 6 ноември, напладне Од Култура нема информација колкав е вкупниот број на поднесени апликации.
Пред распишувањето на годишните конкурси беа одржани обуки за корисниците во центрите за култура низ државава и во Скопје. Од почетокот на Конкурсот, за техничка поддршка беа отворени двe телефонски линии на кои апликантите ги добиваа потребните информации, а консултации се вршea и преку електронската пошта, по одделни дејности.