Вести Култура

ТРИ – прва професионална претстава на знаковен јазик, вечерва премиерно во Битола

Вечерва во Битола, во Центарот за култура, премиера на детската театарска претстава ТРИ.

Работена по легендата на Марко Цепенков за овчарот и трите самовили, а обремената со еколошките проблеми на денешницата, „Три“ е првата професионална детска претстава на знаковен јазик во Македонија.

Претставата е во продукција на АТО — Центар за современа уметност и култура од Битола, а публиката ќе се запознае одблиску со овој јазик, градејќи капацитети и свест дека меѓу сите нас има и луѓе со оштетен слух и говор.

Наменета е за широката детска публика и истовремено за децата кои се глувонеми и наглуви. Актерите паралелено зборуваат и говорно и на знаковен јазик. Вчера на пресот, режисерот истакна дека идејата да направи претстава за деца на знаковен јазик ја добил во 2010 како режисер на Интернационалниот детски музички фестивал „Тра-ла-ла“ на кој, вокален монолог бил преведен на знаковен јазик од девојче од Заводот за рехабилитација на деца со оштетен слух и говор од Битола.

Нејзините соученици биле воодушевени од музичкиот фестивал, од кореографијата, шаренилото, ефектите на сцена, а режисерот Ристовски фасциниран од тоа што деца кои не можат да слушаат останале на фестивалот три часа и се забавувале.

Тоа ме доведе до заклучок дека ако тие се пресреќни од музички настан кој не го слушаат, што ќе се случи ако им направам претстава на нивниот јазик, сигурно би биле пресреќни“, вели Ристовски

Актерите кои беа присутни на средбата со новинарите го објаснија процесот низ кој поминаа во изминатите два и пол месеци во подготовки, а со нив работеше и овластен тутор обучувач на знаковен јазик. Додека се на сцена, актерите паралелно со говорот користат и знаковен јазик.

Режисерот Јован Ристовски вели дека сите деца имаат право да уживаат во театарската сензација и заедно да се борат за решавање на проблемите од денешницата. Воедно претставата ќе придонесе и за градење свест за присуството на глуви и наглуви деца. Беше напорно зашто актерите се соочија со текстот кој треба да го говорат, а да користат и знаковен јазик. Паралелно течат двете работи, но со репетиции и проби се стигнува до крајот, сепак потребна е сериозна концентрација, додава режисерот.

Но, и реализацијата на иницијалниот проект не одела лесно. Министерството за култура како проект на физичко лице го кофинасираше со 27 проценти од потребниот буџет. Шест месеци траеше постапката за формирање на граѓанското здружение АТО –Центар за современа уметност и култура во Битола, за да може да обезбеди и друга поддршка. На крај идејата ја препознаа и поддржаа од Германското друштво за интернационална соработка ГИЗ по налог на Германското сојузно министерство за економска соработка и развој.

Претставата ќе се игра прво во Битола, па ќе гостува во седум градови низ Македонија. Децата со оштетен слух на наставниците им велат дека се најсреќни кога и другите го зборуваат нивниот знаковен јазик. Пресреќни се ако ги сретниш на улица и им речиш здраво, како си или што правиш. Сакам еден ден во Народниот театар во Битола и во Театар за деца и младинци- Скопје да има на редовен репертоар, поддржана од Министерство за култура, барем еднаш годишно по една ваква претстава, рече Ристовски.

Улогите ги толкуваат: Никола Пројчевски, Маја Андоновска-Илијевски, Анастазија Христовска и Сандра Грибовска. Во подготвувањето учествувале толкувач на говорен јазик, Сузана Станоевска со која имале обука за основите на знаковниот јазик и азбуката.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Експертско предупредување за креми за изгореници кои се продаваат на интернет- кочанската болница има услови за третман на повредените во пожарот, но нема кадар и материјали

Дејан Дејан

Тумановски: Секоја брза правда носи и голем број на недостатоци

Дејан Дејан

Промовирана првата директна авиолинија на Туркиш Ерлајнс, Истанбул – Охрид 

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе