Откако еднаш беа одбиени од собраниските комисии поради некомплетна документација, родителите од иницијативата „ Учебници и настава мора да има“, со собрани околу 300 потписи, денеска до Собранието повторно поднесоа иницијатива за одржување референдум за Предлог- Законот за учебници во основно и средно образование, кој предвидува воведување дигитална настава, планирана да започне од септември во четврто одделение.
Од иницијативата се противат и вечерва повторно ќе протестираат во повеќе градови низ државата. Тие сметаат дека дигиталните книги ќе ги уназадат учениците и дека секаде во светот каде овој образовен модел бил применуван, по 2 години повторно бил заменет со печатени книги, кои ги препорачуваат и наште психолози. А, министерката Царовска најави дека планираните реформи во образованието мора да се случат, за да бидат младите генерации подготвени за предизвиците на новото и современо живеење и дека подготовките се веќе во тек.
- Припремите за почеток во прво и четврто одделение по нови наставни програми и мореднизација на образованието течат во континуитет. Реформите мора да се случуваат . Промени во образованието мора да има. Затоа што ако вака тапкаме во место уште 2, 5, или 7 години, го губиме можниот потенцијал , кој што сега ако започнеме, можеме да го создадеме за период од 5, 7 и 15 години, кога реално можеме да очекуваме учениците сега што влегуваат во основно образование, понатаму да излезат како попродуктивни граѓани, кои што ќе бидат обучени за новото и современо живеење – Мила Царовска- министерка за образование.
