Економија Топ вести

Грант од 2,4 милиони евра од Германија за премин од традиционалните кон обновливите извори на енергија

Грант во висина од 2,4 милиони евра наменет за енергетска транзиција од традиционалните кон обновливите извори на енергија доби денеска Северна Македонија од Германија.

Средствата ќе ги користи „Електростопанство на Македонија“ (ЕСМ), а ќе бидат наменети за финансирање на изработката на физибилити студиите и студиите за влијанието врз животната средина за фотоволтаичните електрани во кругот на РЕК „Битола“, рехабилитацијата на шест големи хидроелектрани, ветерниот парк Миравци, модернизацијата и надградбата на комлексот на подржруницата „Енергетика“ во Скопје, како и за соларната топлификација од РЕК „Битола“ до општините Битола, Новаци и Могила.

Договорот беше потпишан во Владата од страна на генералниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски и директорот на  KfW банката за Северна Македонија и Косово, Рене Ешеманн, а на чинот на потпишување присуствуваа и премиерот Зоран Заев и германската амбасадорка Анка Холштајн.

– Со средствата ќе се финансира изработката на физибилити студиите, студиите на влијанието на животната средина и социјалните аспекти на проектите без кои ниту еден проект не може да се реализира на терен. Овие средства ќе ни помогнат да ја затвориме финансиската рамка за првите фази на одредени проекти, а тоа ќе го забрза темпото на нивната реализација, истакна генералниот директор на ЕСМ по потпишувањето на договорот.

Според премиерот Заев, со потпишувањето на денешниот договор земјава е еден чекор напред во исполнување на зацртаните цели од Стратегијата за развој на енергетиката до 2040 година и во имплементацијата на зеленото сценарио како најприфатливо за развој на државата.

– Овие средства се обезбедени преку германската банка за развој, која е долгогодишен партнер на нашата земја преку нивните проекти за поддршка на економијата. Овие грант средства ни ставаат на располагање дополнителни 80, 5 милиони евра евтини кредити за изградба на енергетски објекти, истакна Заев, додавајќи дека еден од стратешките приоритеи на Владата останува користењето на обновливите извори на енергија и замената на јагленот со природен гас.

Германската амбасадорка смета дека земјава е на вистинскиот пат бидејќи, како што посочи, се поддржуваат зелените инвестиции.

– Во Германија јасно се гледа какви се предностите што ги прави Северна Македонија во енергетскиот сектор. Владата е на вистинскиот пат, таа се бори за странски директни инвестиции за обновливи извори на енергија, но исто така, поддржува и зелени инвестиции во јавниот сектор на ЕСМ, нагласи Холштајн.

Инвестициските проекти во обновливи извори на енергија што ЕСМ планира да ги реализира во следните пет години се во вредност од 500 до 600 милиони евра од кои дел ќе бидат финансирани од сопствени средства, дел со кредитни линии од европските финансиски институции и дел преку јавно приватно партнерство.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

(ФОТО) Превртен автомобил наопаку сообраќајка на Партизанска

Дејан Дејан

30 километри пруга кон Бељаковце од денеска во функција

Дејан Дејан

Трагичен инцидент на железничка станица: Тинејџер е во критична состојба по струен удар, МВР истражува

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе