Покрај застреланиот Кујтим Фејзулаи, на австрискиот список осомничени за терористичкиот напад во Виена има уште двајца македонски државјани, потврди МВР. 20-годишниот Фејзулаи е роден во Австрија, но имал и македонски пасош бидејќи потекнувал од тетовски Челопек. Тој вчера вооружен со автомат, пиштол и мачета учествуваше во терористичкиот напад во главниот град на Австрија во кој беа убиени 4-ца граѓани. Во Австрија во тек е масовна истрага, а прогласена е и тродневна жалост во оваа држава.
Со потекло од село Челопек во тетовско, во општина Брвеница. Во македонските служби немало податоци за негово екстремистичко однесување. Ова е првичниот профил на Кујтим Фејзулаи кој според австриските власти е убиениот терорист во Виена и учесник во големите напади со огнено оружје во центарот на австрискиот главен град.
На снимките од безбедносните камери е фатен момент и кога терористот со маска застрелува легнат маж.
Жители на околните згради снимале одозгора како еден терорист, најверојатно Фејзулаи се движи низ тесната улица, полна со ресторани и барови и пука кон луѓе.
Веднаш откако австриската полиција го застрелала и го утврдила неговиот идентитет, ја известила и полицијата во Македонија, а сега надлежните го проверуваат списокот доставен од Виена на кои имало покрај застреланиот Фејзулаи уште двајца македонски државјани.
-Од списокот на австриската полиција, кој е доставен до повеќе полиции, меѓу кои и нашата, утврдено е дека три лица покрај австриското имаат и државјанство на Република Северна Македонија, и тоа К.Ф. (роден во Модлинг, Австрија), А.Г. (роден во Сент Полтен, Австрија) и У.А. (роден во Виена, Австрија). Секторот за меѓународна полициска соработка при МВР веднаш се стави на располагање на колегите од Австрија и интензивно соработуваме на сите елементи поврзани со овој случај, соопшти МВР.
Кујтим Фејзулаи според првичните информации имал 20 години, бил осуден на 22 месеци затвор лани поради намера да се бори за исламската држава. Како млад затвореник бил помилуван и пуштен во декември од затвор. Имал двојно државјанство, австриско каде е роден и каде живеел со родителите, но успела да извади и македонско државјанство.
Вчера за време на нападот носел лажен елек како бомбаш самоубиец и пукал со автоматска пушка, а со себе носел и пиштол и мачета. Во нападот се убиени 4 граѓани, а полицијата го застрелала напаѓачот.
Меѓу убиените е и 20-годишно момче со потекло од Струга кое било излезено во центарот на Виена, објавија повеќе македонски медиуми на албански јазик, а струшкиот градоначалник упати и сочувство до семејството на Неџип Вренези од Велешта. Од МНР немаат информации за жртви ниту пак имало барање за помош до амбасадата во Виена, која синоќа беше мета на верски екстремизам.
-Синоќа бевме сведоци на напад од барем еден исламистички терорист. Ваква ситуација последните десет години во Австрија не сем доживеале, изјави Карл Нехамер, австриски министер за внатрешни работи.
Најмалку дваесетина се ранети, од кои седум луѓе се во тешка состојба во болница. Очевидците опишуваат дека пукањето почнало одеднаш и настанал хаос.
-Ненадејно почна пукање – прво не зневме за што се работи, но наеднаш луѓето кои се деа на терасите со други гости почнаа да бегаат. Прво стоевме бидејќи не знаевме што се случува, а потоа повторно започна пукање, но поблиску, па почнавме да бегаме. Бидејќи не знаевме да трчаме во вистинската насока, налетавме во хотелот и таму се сокривме, изјави студентката Евелин, веднаш по нападот.
Нападот се случил неколку часа пред новото затворање на Австрија поради високите бројки на заразени од Ковид. Местото на нападот е во близина на виенската синагога и се истражува дали верскиот објект кој не работел бил првична цел на терористот. Во Австрија е прогласена тридневна жалост.
Миомир Серафиновиќ