Народната банка поднесе кривични пријави против, како што се посочува, поранешни одговорни лица во „Еуростандард банка“ АД Скопје – сега во стечај. Но, од НБРМ велат дека за да го испочитуваат правото на презумпција на невиност не може да споделат подетални информации. Во телефонска изјава за Телма, пак сопственикот на банката Трифун Костовски, посочува дека до него досега не стигнала никаква информација, но вели оти очекува кривичните пријави да се адресирани до него и неговиот син.
Народната банка побара, судот отвори стечај врз Еуростандар банка откако било утврдено дека Еуростандард банка не ги исполнила минималните услови за работа. Најголемата слабост на банката било неконтролираното преземање на ризик за кредитирање и големото издвојување на резервации за кредити кои не се враќаат навремено. Граѓаните кои имаа пари во банките помали од 30.000 евра ги добија назад, но заглавени останаа оние кои имаат износи поголеми од 30.000 евра. Тие се уште протестираат и бараат законски измени за да си ги добијат парите што ги штеделе.
Министерот за финансии Бесими за Телма обелодени дека се разговара за законски зимени со кои би биле осигурани депозити поголеми од 30.000 евра, но тоа нема да важи за штедачите во Еуростандард банка ако истите се донесат. Стечајот на банката дополнително беше проследен и со тоа што тогашната министерката за финансии Нина Ангеловска си ги повлече парите што таму ги чувала како заштеда. Законот за банки предвидува затворска казни за физичко лице и парична казна за правно лице кое ќе работи спротивно на законот и ќе придонесе за отворање стечај во банка.
Тој што со своето работење ќе ги прекрши одредбите од Законoт за банките, со што ќе придонесе за отворање на стечајна постапка кај банка и ќе предизвика штета за доверителите на банката, ќе се казни со затвор од три до десет години.
Ако делото го изврши правно лице ќе се казни со парична казна. Дополнително, судот ќе му изрече на сторителот и забрана за вршење на професија, дејност или должност под услови определени во Кривичниот законик.
Наташа Стојановска