Вести Свет

Во Европската Комисија бесни заради скандалот Голфгејт

Хобито на европскиот комесар за трговија Фил Хоган го чинеше оставка од функцијата, откако беше обвинет дека бил на забава организирана од голф играчи на која не се почитувале протоколите против корона вирусот.

По завршување на еднонеделниот голф натпревар во Гелвеј во Ирска, организирана била гала вечера на која бил поканет Хоган, и уште двајца министри од ирската влада, како и еден врховен судија – сите љубители на голфот. Но, здравствената препорака – на едно место да нема повеќе од осум луѓе, била прекршена, бидејќи на настанот имало 80 гости, а на чело на масата седел токму „големиот Фил“ како го нарекуваат медиумите. Следниот ден ирските медиуми ја објавија аферата „Голфгејт“, што дополнително ја разгневи јавноста најмногу поради фактот што бројките на заболени од корона вирусот се дуплираат речиси секој ден. Објавено беше и дека Хоган, една недела претходно бил дел од голф натпревар во Холандија по што одлетал на скандалозната вечера во родната Ирска.

Тој отпрво одби да се извини, тврдејќи дека за време на патувањата се придржувал кон сите правила. Ова дополнително го зголеми притисокот, а и владата соопшти дека ја загубила довербата во него. Двајцата министри кои исто така беа дел од вечерата веќе поднесоа оставки, а Хоган доцна синоќа ја доставил оставката до претседателката на ЕК.

Во писмото сепак се извинува и длабоко жали за своето однесување. Урсула фон дер Лајен, во кратка изјава рече дека ја почитува неговата одлука, му благодари за досегашниот мандат, но призна дека постапките на Хоган предизвикуваат нервоза.

Во сегашните услови, додека Европа се бори да го спречи ширењето на корона вирусот, а Европејците се жртвуваат и ги прифаќаат болните рестрикции, очекувам членовите на Комисијата да бидат посебно внимателни во поглед на почитувањата на важечките национални и регионални правила и препораки, изјави претседателката на ек, урсула фон дер лајен.

Тешко ќе и биде на Фон дер Лајен да најде вистинска замена за Хоган, кој беше одговорен во мачните преговори за трговските врски со Америка, Кина и Велика Британија. Засега замена ќе му биде сегашниот потпретседател на ЕК, но местото останува да го пополни ирската влада.

Сега владата на Ирска треба да номинира соодветни кандидати од ирска националност. Како и во минатото, очекувам една жена и еден маж. Подоцна ќе одлучам врз база на портфолијата доставени до Колегиумот на Комесари, порача фон дер Лајен.

Секоја држава членка на ЕУ има по еден претставник, а најлесно решение би било да има едноставна замена, додека остатокот од тимот на Комисијата да остане ист, со оглед на тоа што Фон Дер Лајен долго го составуваше тимот. Потрагата по нов шеф за трговија доаѓа во незгодно време, на сред кризата со пандемијата, и на средина од кревките трговски односи со САД и Кина, како и последните месеци на разговори во пост-брегзит постапката. ЕУ постојано ја нагласува важноста на почитувањето на мерките против корона вирусот, и затворањето на очите пред прекршоците од страна на нејзините функционери би го намалил тој напор.

Алиса Шутиноска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Наместо на споменик, почит за убиените кај Вејце се оддава пред табла со слики и имиња која се зема после церемонијата за да не биде уништена

Дејан Дејан

Пациентите со хемофилија во страв дека нема да ја продолжат терапијата

Дејан Дејан

Од ноќеска нови цени на бензините

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе