Македонија Најважни

Утре Заев и Ахмети ќе ја договорат новата Влада

Лидерска средба Заев-Ахмети утре, а до крајот на неделата  – две собраниски седници: за избор на новата Влада, а претходно – довршување на конститутивната со избор на претседател на Собранието.

Оваа можност се отвара откако преговарачките тимови на СДСМ и ДУИ постигнаа, како што велат, „ сериозен напредок во креирањето коалициски договор за стабилна Влада“. Денеска и во деновите од викендот, генералните секретари Љупчо Николовски и Артан Груби се согласиле за „речиси сите прашања кои водат до договор за Влада“, како што напишале во заедничкото соопштение.

Со оглед на итноста и потребата од брзо ставање во целосна функција на клучните институции во државата заради справување со здравствените и економските предизвици поврзани со Ковид 19, во текот на утрешниот ден ќе се одржи лидерска средба меѓу претседателите Заев и Ахмети на која се очекува конечен договор за нова, стабилна, посветена Влада со мандат од четири години, соопштуваат од двете партии.

СДСМ и ДУИ јавуваат дека преговорите се влезени во финална фаза и очекуваат наредните денови да продолжи конститутивната седница на Собранието со избор на негов претседател.

Но, не јавуваат како изгледа договорот за најспорното прашање: премиерската функција. На последната лидерска средба минатиот понеделник, претседателите на СДСМ и ДУИ не успеаја да решат дали мандатарот Заев ќе биде премиер сите четири години или ќе му отстапи четврт мандат на коалицискиот партнер, заради неговото изборно ветување премиер-албанец. Од тој договор директно зависи и дали ДУИ, односно Талат Џафери, ќе остане прв човек на Собранието, бидејќи евентуалното кусо премиерско позиционирање на ДУИ ќе значи ротација и на спикерската функција.

Заев го доби мандатот на 13-ти август и има рок до втори август да предложи состав и програма на Владата. И СДСМ и ДУИ најавуваат дека нема да се чека последниот рок и дека утрешната лидерска средба е клучна во постигнувањето брз и конечен договор.

Соња Николовска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Одбраната на Богоев поднесе жалба – притворот е непотребен велат кривичарите

Дејан Дејан

Започнува подготовката на Стратегија за развој на туризмот 2027-2032

Дејан Дејан

МВР една и пол година ги истражува злоупотребите во Институт за јавно здравје во времето на Шабан Мехмеди

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе