Поскапувањето на струјата ќе им создаде главоболки на фирмите, особено на помалите, кои сочинуваат најголем дел од индустријата, сметаат од бизнис секторот. Се надеваат дека нема да се случи најлошото сценарио – да почнат да се затворааат компании, но се сигурни дека потешко ќе се работи. Обемот на производство ќе се намали, а бизнисот се потешко ќе наоѓа пари за враќање на кредити и за плати на работниците.
Се зависи од тоа колку струјата учествува во нивните трошоци. Ако учествува со голем процент ќе имаат големи проблеми. Во секој случај, нивното покачување на цената е многу пониско од цената која ја добиваат големите компании на отворен пазар, каде зголемувањето е до 450 отсто, бидејќи цената се движи над 300 евра за мегават час. И треба да бидеме свесни дека на државата ѝ се намалени можностите да интеревира со пари од буџет. Ова е доста деликатно прашање бидејќи долгот на државата е далеку поголем од оној што го мислевме, вели за Телма Ангел Димитров, претседател на организација на работодавачи.
Од владата потврдија дека до нив секојдневно пристигнувааат писма од фирми и здруженија со предлози, за тоа какви анти кризни мерки се потребни. Но, според Бектеши, како ќе им се помага на компаниите ќе се знае откако ќе се донесе ребаласнот на буџетот.
Тој тврди дека со новиот тарифник за струја за домаќинствата, ќе се воведе правичност и ќе им се помогне на оние најранливите. Вели дека товарот од потрошувачката, не може подеднакво да го носат и оние со минимална плата и оние со милионски суми.
Со новите одлуки, цената на струјата за малите индустриски капацитети се зголеми за нешто над 40 проценти. Во скапата тарифа цената на киловат наместо 13, 4 денари како досега ќе чини 19 денари. Прв пат за фирмите се воведува и евтина струја од 22 до 06. Во овој период киловат час ќе чини 15 денари. Од РКЕ тврдат дека одредената цена за индустријата е за 50 отсто пониска од онаа на отвроен пазар каде нема сигнали дека во скоро време ќе има стабилизација.
Ирена Чачкова
