Вести Македонија Топ вести

Прифатени седум од 105 поднесени амандмани за Предлог на законот за судска служба

Прифатени се седум амандмани од вкупно 105 поднесени во расправа на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците што се одржува попладнево по Предлог на законот за судска служба, во второ читање. Претседателот на Комисијата, Љупчо Пренџов даде пауза и најави дека ќе бидат поднесени и комисиски амандмани.

Амандманите кои беа поднесени од опозициските СДСМ и коалицијата, Европски фронт и Левица, се однесуваа на унапредување на материјалната и професионалната положба на судските служби преку воведување на додатоци на плата за висок ризик и доверливост, прекувремена работа, задржување на стручниот кадар, како и право на надоместоци и јубилејни награди. Се однесуваа и за бришење на зборови во членови со кои се врши измена на надлежност за донесување на правилникот за спроведување на постапката за унапредување. Наместо министерот за правда, се утврдува надлежноста да ја има Советот на судската служба, со што се обезбедува институционална автономија во унапредувањето на постапките за унапредување во судската служба.

Исто така, беа и за бришење на обврската судот да доставува податоци за вработените до министерството за јавна администрација и Судскиот буџетски совет во врска со Регистарот на вработени во јавниот, за воведување на поволно пензиско уредување за судските службеници од категорија Г со зголемен стаж, можност за порано пензионирање со услови и 80 отсто основица, како и обврска трошоците до старосна пензија да ги покрива судот.

Министерот за правда, Игор Филков за дел од поднесените амандмани истакна дека се неприфатливи поради тоа што неколку членови се усогласени со мислењето на министерството за финансии, одредбите за додатоци за плата се усогласени со мислењата на министерството за финансии и министерството за јавна администрација, бидејќи некои од предложените амандмани ќе предизвикале дополнителни фискални импликации врз буџетот на Републиката, дека предметната материја е веќе соодветно уредена во текстот на предлог-законот и нема потреба од дополнително интервенирање.

Заменик-министерот за правда, Ален Деребан во образложението потенцира дека предлог-законите за судска служба и за јавнообвинителска служба се резултат на повеќегодишна работа, широк и инклузивен консултативен процес, како и усогласување со актуелната законска рамка и реформските приоритети на државата. Посочи дека работната група ги изработила текстовите на законите пред една година, по што биле објавени на ЕНЕР на јавна консултација. Toj кажа дека при тоа биле доставени бројни забелешки и предлози од релевантни институции, стручната јавност и засегнатите страни, кои биле внимателно разгледани и соодветно вградени во нацрт-текстовите.

Во делот на платите, како што нагласи Деребан, една од клучните цели на реформската агенда била унапредување на материјалниот статус на судските и јавнообвинителските службеници. Оваа цел, како што рече, веќе е реализирана преку колективните договори, а нивните решенија се инкорпорирани и во законските одредби.

Со овие законски решенија се исполнуваат обврските од Реформската агенда и Развојната секторска стратегија за правосудство 2024–2028, се зајакнуваат капацитетите на правосудните институции и се создаваат предуслови за поефикасен, понезависен и поквалитетен правосуден систем во интерес на граѓаните.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Термоцентралите на Западен Балкан загадуваат 6,6 пати над дозволените граници – извештај на мрежата „Бенквоч нетворк“

Sasko Dimovski

Вишиот управен суд со пресуда поништи одлука за концесијата за Иловица

Sasko Dimovski

До каде се ветените средства за споменикот на 63-те загинати – прашање на родителите од Здружението „16 март“

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе