Вести Македонија Топ вести

Нема медицински сестри – Привремено затворен Одделот за имунологија на детската клиника во Скопје

Одделот за имунологија на детската клиника во Скопје привремено престанува да функционира како посебна целина и се спојува со Одделот за пулмологија. Пациентите ќе бидат згрижувани на заедничкиот оддел, додека од Клиниката велат дека мерката е привремена и е донесена поради недостиг на кадар и да се овозможи непречено продолжување на здравствената заштита на децата.

„Од петокот минатата недела бидејќи не можевме со главната сестра никако да организираме сменска работа, односно организација на распоред за дежурства бевме приморани привремено да направиме фузија на два оддела за да можеме да имаме на располагање сестри кои ќе покриваат дежурства“, изјави Реџеп Мемеди, директор на Детска клиника Скопје.

Од вкупно 144 медицински сестри ангажирани на Клиниката, 25 се пред пензија, 15 поради возраст се ослободени од дежурства, 11 работат со скратено работно време, а 16 се на породилно отсуство. Тоа значи дека значителен дел од сестринскиот кадар не може да биде вклучен во ноќни смени и дежурства, додава директорот Мемеди.

Во меѓувреме, Клиниката остана и без дел од персоналот ангажиран со договор на дело. Околу 50 работници не добија продолжување на договорите, откако Министерството за финансии не даде согласност за нивен нов ангажман.

„Недостатокот на овие работници сериозно ги доведува во прашање нормалниот тек и организацијата на работата на оваа клиника иквалитетот на услугите на детска Клиника. Од овие 50 ангажирани со договор на дело скоро половина, односно 23 се лица медицински персонал, а тоа се 18 медицински сестри кои денеска не доаѓаат на работа, 4 лабораторски техничари и еден биолог, а останатите се администратори и технички персонал. Сите неопходни за нормално функционирање на работата. Денеска кога тие работници веќе не се на клиника, се соочуваме со сериозни проблеми во организацијата и обезбедувањето на навремена услуга и квалитет за децата“, додаде Мемеди. 

Додека во земјава се раѓаат се помалку деца, Детската клиника бележи подобри резултати во лекувањето на најмладите пациенти и намалена смртност. Според Државниот завод за статистика, во 2025 година се родени 15.850 деца, што е намалување во споредба со претходната година.

Во исто време, податоците на Клиниката покажуваат дека бројот на смртни случаи кај хоспитализираните деца се намалува. Додека во 2015 година биле регистрирани 108 смртни случаи, во 2025 година тој број е 39.

Трендот на намалување продолжува и годинава. Во првите три месеци од 2026 година е евидентиран најнизок број смртни случаи во последните 17 години, велат од Клиниката.

Симона Петровска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Термоцентралите на Западен Балкан загадуваат 6,6 пати над дозволените граници – извештај на мрежата „Бенквоч нетворк“

Sasko Dimovski

Прифатени седум од 105 поднесени амандмани за Предлог на законот за судска служба

Sasko Dimovski

Вишиот управен суд со пресуда поништи одлука за концесијата за Иловица

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе