Бурни реакции во Тетово откако Уставниот суд ја прифати иницијативата на Сојузот на борците и ја укина одлуката на општинскиот совет од 2007 година за преименување на голем број улици и плоштадот.
Додека од ДУИ одлуката ја нарекоа скандалозна и удар врз идентитетот, од локалната власт на Вреди обвинуваат за сценарио меѓу ДУИ и Уставниот суд за дефокусирање на јавноста, тврдејќи дека општината веќе работи на ново, законско решение.
Сојузот на борците и граѓаните продолжувачи од Тетово вчера обелодени дека Уставниот суд ја прифатил нивната иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на Општина Тетово за преименување на улиците и дека истата е укината. Оваа иницијатива е поднесена на 11 февруари 2025 година, за одлука на општинскиот совет од 2007 година, плоштадот и неколку улици да бидат преименувани.
Главен правен аргумент на иницијативата беше дека општинската одлука не добила согласност од тогашната влада, па овие 20 години новите имиња се користеа само на општинско ниво. Оспорена беше и поради повреда на три члена од Уставот, и како спротивна на законот за определување на имиња на улици и законот за македонски јазик бидејќи дел од улиците се напишани на странски јазик.
Реагираа политичките партии на Албанците, па ДУИ денес бараше вонредна седница сметајќи дека сега и без Бадентеровиот принцип истата може повторно да се усвои од Советот. Како скандалозна и антиалбанска ја нарекоа одлуката на Уставниот суд.
„Ова не е правна одлука, туку тежок и намерен удар врз историскиот идентитет, општествената реалност и граѓанското достоинство на Тетово“, рече Берат Мурати, ДУИ
Алби Ќамили, заменик градоначалник на Тетово од партијата Вреди, оцени дека ДУИ и претходната власт оставиле недовршени решенија, а сегашната општинска власт интензивно работи на процесот на преименување на улиците.
„Уште еднаш сакаме јасно да ја информираме јавноста дека станува збор за очигледна координирана акција и сценарио на релација ДУИ – Уставен суд, со цел да се дефокусира вниманието на јавноста токму во моментот кога Општина Тетово го финализира процесот на именување на улиците. Станува збор за одлука која никогаш не била спроведена во практика“,рече Алби Ќамили.
По бројните реакции за одлуката на Уставен суд, Сојузот на борците ги осуди и ставовите кои алудираат дека се повредени правата само на Албанците, потенцирајќи дека оваа општинска одлука се коси со владеењето на правото.
Недозволиво и срамно е тие што свесно го прекршиле правото, денес да реагираат бурно на судската одбрана на правниот поредок, велат од Сојуз на борци Тетово
Со Одлуката на Советот на Општина Тетово од 2007 главниот булевар и плоштадот, кои го носеа името „Маршал Тито“ беа преименувани во булевар и плоштад „Илирија“, улицата „ЈНА“ стана „Дервиш Цара“, улицата „29 Ноември“ во „Мехмет Паша Дерала“, а нови називи добија уште неколку други улици.
Александар Самарџиев
