По загриженоста на невладините организации дека може да се предизвика недостиг на струја и вода со отворањето на Дата центри во земјава, министерката за енергетика и рударство Сања Божиновска уверува дека тоа нема да се случи. Таа вели дека доколку инвеститор на овие Дата центри е приватно лице тој ќе треба сам да ги обезбеди потребните услови за функционирање на овие центри.
„Што се однесува до Дата центрите, ако се тоа приватни инвестиции, тоа е обврска на приватниот инвеститор да си ги обезбеди потребните услови за овие дата центри. Меѓутоа ние како држава подготвуваме легислатива односно можност да имаме Дата центри и кај нас“, рече Божиновска.
Иако властите ваквите најави ги претставуваат како чекор кон економски развој и привлекување на големи технолошки компании, дел од граѓански организации и еколошки иницијативи изразуваат загриженост за потенцијалното влијание врз животната средина и локалните заедници.
Според здружението „Зелен Хуман Град“, овие дата центрите се инфраструктура со висока потрошувачка на електрична енергија, а најголемите капацитети во светот трошат количини споредливи со потрошувачката на десетици илјади домаќинства. Дополнително, се посочува и значителната употреба на вода за системите за ладење, што може да претставува притисок врз локалните ресурси.
Тие предупредуваат и на можни индиректни ефекти, како зголемен енергетски притисок врз мрежата поврзани со производството на електрична енергија, особено во земји со зависност од фосилни горива како што е Македонија.
