Македонските фудбалски клубови ги добија своите ривали во европските купови. Во ждрепката во Нион најдобро помина Шкендија, што беше и очекувано, бидејќи тетовци имаа статус на носители.
Македонскиот шампион Вардар за противник во првото квалификациско коло од Лигата на шампионите го доби финскиот тим КуПС. Првиот натпревар „црвено-црните“ ќе го играат во Скопје на 7 или 8 јули, додека реваншот ќе биде во Финска седум дена подоцна.
За Вардар ова е камбек на елитната европска сцена по девет години пауза. Во сезоната 2017/18 скопскиот клуб стигна до третото квалификациско коло во Лигата на шампионите, каде беше елиминиран од Копенхаген. Сепак, истата сезона Вардар го направи најголемиот успех во својата историја, откако го елиминираше Фенербахче и се пласираше во групната фаза од Лигата на Европа.
Во Конференциската лига, Силекс за противник го доби белорускиот тим Динамо Минск. Шкендија, која минатата сезона стигна до лигашката фаза во ова натпреварување, ќе игра против Европа од Гибралтар.
Двата македонски претставника во Конференциската лига ќе гостуваат во првите натпревари, кои се закажани за 9 јули, додека реваншите ќе се играат една недела подоцна.
