Од над 30 до над 50 отсто зголемување на цената за својата услуга. Вакви барања добиле регулаторите од трите фирми за парно греење на ЕСМ.
Најголемо зголемување од скоро 54 отсто на цената сметаат дека треба да добијат од компанијата која го врши снабдувањето со топлинска енергија. ЕСМ Дистрибуција пак доставиле барање за зголемување на цената за дистрибуцијата за над 45 проценти, а ЕСМ производство за над 32 отсто.
- ЕСМ Снабдување 53,9 %
- ЕСМ Дистрибуција 45,5 %
- ЕСМ Производство 32,7 %
Од Државните електрани за Телма тврдат дека во овие пресметки освен прогнозите за цената на гасот кој имала најголем дел од трошоците на компаниите, реалните нивни трошоци направени за време на претходната грејна сезона, влегувале и стари трошоци од претходни години за кои тврдат дека регулаторите им ги имаат признаено, но истите не биле вклучени при носењето на тогашните одлуки за крајната цена на парното греење.
Во овој процент најголемо учество имаат трошоците од претходни одлуки на РКЕ, со цел да се надомести загубата на друштвата од претходни грејни сезони согласно правилникот за цена, додека зголемување на цената од само 14 % предизвикуваат трошоците за гас согласно прогнозите како и неопходните трошоци за извршување на дејноста, пишува во дописот на ЕСМ
Но, сега останува да се види каква одлука ќе донесе Регулаторна комисија. Кои од трошоците ќе им бидат прифатени, а кој не.
Новата цена на греењето треба да се донесе до крајот на јули, а да важи од први август.
Последно, парното поскапи за 5, 9 отсто, со образложение дека треба да се направат неопходни инвестиции во мрежата поради која изминатата грејна сезона имаше и доста проблеми.
Инаку, трите фирми за парно на ЕСМ се најдоа и на листата на должници на Министерството за финансии. Најмногу доспеани, а неподмирени обврски има ЕСМ Дистрибуција.
Ирена Чачкова
