Додека вниманието на светот останува фокусирано на завршување на американско-израелската војна против Иран, руската војна против Украина веќе е во својата 5-та година.
Лидерите на двете држави и без да разговараат, си испратија пораки, но повторно во нив нема никакво навестување дека ситуацијата наскоро ќе се промени.
Украинскиот лидер, Володимир Зеленски, го објави отвореното писмо кое му го испратил на шефот на руската држава, Владимир Путин, во кое го повикува на директна средба лице в лице во обид да се стави крај на војната.
Зеленски пишува дека би било погрешно „едноставно да се чека“ додека војната во Европа повторно не стане главен фокус на вниманието на САД, додавајќи дека мирот може да дојде само „преку директен ангажман меѓу“ Украина и Русија.
Тонот на писмото е пркосен, дури и потсмешлив, со споменување на неодамнешните украински напади на руска територија.
Ова не е нова понуда на Зеленски, а од Кремљ, како и претходно, пристигна одговор дека Зеленски е добредојден да се сретне со Путин во Москва.
Инаку кога беше објавено писмото на украинскиот претседател, Путин имаше средба со странските новинари во Санкт Петербург и не беше информиран за неговата содржина, тој индиректно и одговори на некои од повиците на Зеленски.
Спремни сме за мир со Украина, вели шефот на руската држава, но врз основа на рамката која ја договоривме со Трамп на Аљаска.
„Секако дека сме подготвени и сакаме да постигнеме договор со Украина по мирен пат, врз основа на рамката за која разговаравме за време на нашата средба со Претседателот Трамп во Енкориџ. Во тој момент на Русија ѝ беа претставени одредени услови за да можеме да направиме одредени компромиси. Русија се согласува со компромисите за кои разговаравме во Енкориџ. Потребно е и украинската страна да се согласи со тие компромиси. Тогаш конфликтот брзо ќе дојде до својот природен завршеток“ – изјави рускиот претседател, Владимир Путин.
Иако не беше целосно објавено што точно Трамп му ветил на Путин откако го пречека со црвен тепих на Аљаска, претпоставките се дека станува збор за територијални отстапки на Украина, предавање на целосна контрола над Донбас на Русија а во замена за тоа официјална Москва би се согласила на замрзнување на линијата на фронтот.
Зеленски во писмото индиректно му одговара на Путин, порачувајќи – без разлика што ти било ветено на Аљаска, веројатно ти стана јасно дека иднината на Украина и Европа нема да се реши на Енкориџ.
Трамп одби да одговори што точно му ветил на Путин, но смета дека би било добро Путин и Зеленски да разговараат.
Зеленски на Путин му пишува дека средбата со Путин би можело да се одржи во земја како Швајцарија или Турција, кои веќе и претходно изразиле подготвеност да помогнат во организацијата на такви разговори.
Никола Илиевски
