Финалето на Западната конференција во НБА-лигата стартуваше со спектакуларен натпревар. Сан Антонио славеше на гостувањето кај шампионот Оклахома дури по две продолженија. За Тандер ова беше прв пораз сезонава во плеј-офот, бидејќи во претходните две рунди со по 4-0 ги елиминираа Феникс и Лос Анџелес Лејкерс.
Спарс поведоа со 1-0 во меѓусебната серија со триумф од 122-115 во Оклахома по дури 10 минути екстра време. Виктор Вембањама одигра историски натпревар со 41 поен и 24 скока, со што стана најмладиот кошаркар во историјата на НБА-плејофот со учинок од најмалку 40 поени и 20 скока на еден натпревар.
Одлична партија одигра и Дилан Харпер, кој заврши со 24 поени, 11 скока, шест асистенции и клупски плејоф-рекорд од седум украдени топки.
Во редовите на Тандер, Алекс Карузо беше најефикасен со 31 поен, Џејлен Вилијамс имаше 26, додека Шеи Гилџеус-Александер, кој пред натпреварот го доби својот втор МВП трофеј по ред, забележа 24 поени и 12 асистенции.
Вториот натпревар од западното финале повторно се игра во Оклахома.
