Ракомет Спорт

Македонија рутински во Словачка, на чекор до Светското првенство 2027

Македонската ракометна репрезентација оствари рутинска победа од 31-24 на гостувањето кај Словачка во првиот бараж-натпревар за пласман на Светското првенство во 2027 година. Реваншот во Скопје треба само да го потврди нашето десетто учество на Мундијалите во историјата, односно осмо по ред.

Во првото полувреме Македонија го контролираше резултатот, но имаше проблеми целосно да го скрши отпорот на Словаците. Нашите ракометари промашија неколку зицери, а во три наврати ја погодија и рамката од голот на домашната селекција. Сепак, во последните десет минути од првиот дел избраниците на селекторот направија солидна предност, а со „бомбата“ на Филип Кузмановски со звукот на сирената заминаа на пауза со највисоки 18-13.

Токму капитенот беше фантастичен во првото полувреме со седум голови од осум обиди, додека Милан Лазаревски беше перфектен со пет погодоци од исто толку шутеви.

Македонија не попушти ниту во вториот дел и не ѝ дозволи на Словачка да се понадева на пресврт. Нашиот тим постојано одржуваше водство од шест до седум голови разлика, а имаше и највисоки плус осум. Квалитетот и, пред сè, искуството во вакви натпревари беа пресудни, па Македонија на крајот славеше убедливо со 31-24.

Кузмановски беше лидер во нападот со 10 погодоци, а Лазаревски остана перфектен со седум голови од седум обиди. Мартин Томовски на голот собра 13 интервенции. Кај Словачка, Јурај Бриатка и Шимон Махач постигнаа по четири голови.

Реванш-натпреварот се игра в недела од 19 часот во арената „Борис Трајковски“ во Скопје.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Без нови сензации на СП: Франција, Норвешка и Мексико сигурно до осминафиналето (ВИДЕО)

Sportska Redakcija

Историскиот настап на Лина Ѓорческа на Вимблдон заврши во првото коло

Sportska Redakcija

(Фото) Ѓорчевска стартува против Анисимова

Kristina Kuzmanovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе