Истражувачи од Океанографскиот институт Вудс Хоул во САД развија автономен подводен робот кој може да ги „слуша“ коралните гребени, да го следи морскиот свет и да открива жаришта на биодиверзитетот, со цел подобра заштита на загрозените морски екосистеми.
Роботот, наречен CUREE, користи комбинација од акустични и визуелни сензори, како и алатки со вештачка интелигенција за да препознава и следи морски организми, но и да мапира области богати со подводен живот.
„Развивме нов систем за автономија за барање и пронаоѓање жаришта на коралните гребени, а потоа нивно мапирање со прецизност од сантиметар“, изјави Сет Меккамон, автор на студијата од Океанографскиот институт Вудс Хоул.
Според него, CUREE ги комбинира аудио и визуелните информации за попрецизно откривање на местата со најголема биолошка активност.
„Нашата идеална мисија би била научник да го постави CUREE на гребен што никогаш претходно не бил истражуван. Роботот би го слушал гребенот за да открие каде има најголема акустична активност, а потоа би ги користел камерите за детално мапирање на жариштето“, објаснува Меккамон.
Системот може автоматски да брои риби, да идентификува различни видови и да ја анализира распространетоста на подводниот свет. Истражувачите велат дека ова би овозможило подетални и поефикасни истражувања во споредба со традиционалните нуркачки експедиции, кои често се скапи и временски ограничени.
Тестирањата на роботот биле спроведени во коралните гребени во Раџа Ампат, Индонезија — регион познат по исклучителната морска биолошка разновидност.
Јогеш Гирдхар, исто така автор на студијата, вели дека технологијата би можела да игра важна улога во глобалните напори за зачувување на коралните гребени.
„Коралните гребени се во опаѓање низ целиот свет. Алатка како оваа може да им помогне на носителите на одлуки да утврдат каде треба да се насочат ресурсите и напорите за заштита и реставрација“, посочува Гирдхар.
Иако CUREE сè уште е во рана фаза на развој, научниците се надеваат дека роботот наскоро ќе стане дел од реални научни мисии за следење и заштита на морските екосистеми.
