Лино Червар се враќа во македонскиот ракомет откако денеска беше назначен за нов тренер на Еурофарм Пелистер. Искусниот хрватски стратег ќе има за цел да го врати битолскиот состав на врвот во домашното првенство, што го загуби сезонава од Вардар по три годишно владеење.
Червар потпиша двегодишен договор со Еурофарм Пелистер, кој ќе биде негов втор клуб во Македонија. Од 2009 до 2018 година, Хрватот го предводеше Металург, а една година беше и селектор на Македонија, односно ја водеше репрезентацијата на Светското првенство 2017 година во Франција, каде го освоивме 15-тото место.
Битолскиот клуб сезонава имаше тројца тренери на клупата. Првично беше назначен Шпанецот Рубен Гарабаја, па по неговото заминување на половина од сезоната, дојде Стевче Алушовски. По поразот од Охрид во полуфиналето во Купот, тој си поднесе оставма, а сезоната ја завршува Алексо Лембанов.
Червар треба да донесе стабилност во Еурофарм Пелистер, стратег кој е познат по својата строгост, но и дисциплиниран начин на игра. За неговото реноме не треба да се зборува премногу, бидејќи под негово водство Хрватска освои Олимписки игри во 2004 година, а една година претходно беше и Светски првак. Освои и пет сребрени медали, три од Европските првенства и уште два од Мундијалите.
Со Металург ги направи најголемите успеси и беше шампион на Македонија четири пати и освои три Купа. Во Лигата на шампиони, тимот од Автокоманда два пати стигна и од четвртфиналето.
Доведувањето на Червар е јасен показател дека амбициите на Еурофарм Пелистер остануваат највисоки и дека битолчани подготвуваат силен одговор по сезоната во која ја загубија титулата.
