Некогаш за чување на постари родители, некогаш за слави и свадби, некогаш за одмор или по совет на фирмата… Сите овие варијанти може да се најдат меѓу случаи кога пациенти бараат боледувања од своите матични лекари, објаснува претседателката на Здружението на приватни лекари, Лилија Чолакова Дервиши. Но, според неа, лекарот е тој што треба да одлучи, а многу често се случува кога лекарите ги следат правилниците и законите, пациентот да го смени и кај друг да бара боледување.
„Кога почна фејсбукот да функционира, многу често некој ќе ви се пожали и по три дена ќе видите слика на Фејсбук дека е во Грција некаде на одмор. Тогаш веќе се нарушува, таа доверба меѓу матичен доктор и пациент. Злоупотреби не треба да има од ниедна страна. И пациентите треба рационално и навистина кога им треба, да бараат боледување и матичните доктори да не бидат под притисок да издаваат состојби. Но, тука треба и работодавачите да си ја вратат онаа опција и да имаат внатрешна контрола и проверка дома. Дали некој навистина има вртоглавица и ви вели телефонски „не може да дојдам до кај Вас, многу ми е лошо“ или „имам течни столици, не може да испаднам“, ме разбирате. Тука и фирмите треба да се заштитат од нередовни или несоодветни боледувања, чести, од определени личности. И да се види дали тој нешто паралелно работи, ора на некоја нива, сее или работи нешто друго или навистина е болен“, изјави д-р Лилија Чолакова Дервишова, матичен лекар.
Во 2025-та, според податоци на Фондот за здравствено осигурување, бројот на боледувањата се зголемил за 4,5%, но сумата исплатена за нив е зголемена за повеќе од една петтина, односно за 22,9%. Фондот почна со контроли, во случајот со боледувања во МВР, пиша казни на 29 лекари за лажни боледувања во вкупна висина од 20.000 евра. Но, за други случаи, освен во администрацијата, нема информации за казни и опомени, иако главниот финансиски товар паѓа на работодавачите.
„Ги чини работодавачите, бидејќи најголем дел од боледувањата се на сметка на работодавачи, бидејќи Фондот ги надоместува само боледувањата над 30 дена за кои одлучува комисија и одговорноста е на Фондот. Зголемување на бројот на контролите од 400 на 800 на годишно ниво ни даваат една база на податоци каде што може да видиме каде се злоупотребите. Тоа се кратки „цик-цак“ боледувања. Нели одите седум дена, па еден ден одмор, па седум дена со друга дијагноза, па со трета дијагноза. И бараме начин како да го превенираме и спречиме тоа и да не направиме невозможно на тие што навистина се болни да добијат боледувања“, изјави Сашо Клековски, в.д. директор на Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ) во „Вин-Вин“ на Телма.
Дервишова од Здружението на приватни лекари вели дека има казни кои се пропишани, односно или се финансиски казни или прекин на договорот со Фондот на матичниот лекар. Колку, нема точен падаток, а Клековски објаснува дека за осигуреникот и за други истраги, надлежности имаат други институции.
Миомир Серафиновиќ
