Полицијата работи на расчистување на инцидентот што вчера попладне се случи на пешачка патека во Охрид, кога тандем параглајдер падна на плочникот и собори канделабра. Во настанот нема повредени лица, а снимката на која се гледа како леталото прелетува ниско над минувачи предизвика бурни реакции во јавноста.
Нема повредени лица во инцидентот што се случи вчера попладне, кога тандем параглајдер се спушти на пешачката патека во Охрид, информираа од охридкста полиција, кои по насоки на јавен обвинител работат на расчистување на случајот.
На вознемирувачкиот настан сведочеа граѓани и туристи кои се движеа по патеката покрај Охридското Езеро.
Видеото, кое стана вирално на социјалните мрежи, покажува како параглајдеристот прелетува ниско над главите на мајка и мало девојче на шеталиштето, кои во паника се тргаат настрана за да избегнат опасен контакт. Потоа, тандем-параглајдерот удира во канделабра, ја соборува на земја и паѓа врз неа, во непосредна близина на пар кој шета по патеката.
- „Во СВР Охрид е пријавено дека околу 14:00 часот две лица со параглајдер се спуштиле на пешачката патека по каналот „Студенчишта“, по што паднале на плочникот. Дел од опремата на параглајдерот зафатила електрична канделабра поставена на централниот дел од патеката, која се скршила и паднала на пешачката лента. До овој момент нема пријава за повредени лица“, соопштија од СВР Охрид.
Засега останува нејасно дали станува збор за принудно слетување или параглајдеристот, наместо на предвидената тревна површина, завршил на пешачката патека.
Иако нема жртви ниту потешко повредени, сцената делува крајно вознемирувачки, а инцидентот повторно го отвора прашањето за безбедноста при вакви авантуристички летови, особено при слетување во фреквентни пешачки зони.
Емилија Мисирлиевски
Б.С.
