Американската државна секретарка за труд, Лори Чавез-Деремер, ја напушта администрацијата на претседателот Доналд Трамп, соопшти синоќа Белата куќа.
Директорот за комуникации на Белата куќа, Стивен Чеунг, преку платформата Икс објави дека Чавез-Деремер ќе премине на функција во приватниот сектор, додека со Министерството до понатамошно известување ќе раководи нејзиниот заменик, Кит Сондерлинг.
Чавез-Деремер е трета жена што се повлекува од Владата во последните седум недели. Таа со месеци се соочуваше со притисок поради повеќе истраги. Според извештаи на „Вашингтон пост“ и други медиуми, истрагите беа насочени кон можни прекршувања поврзани со користење буџетски средства, како и обвинувања за несоодветно однесување на функцијата.
Заминувањето на Чавез-Деремер доаѓа откако таа се најде вмешана во низа политички и лични контроверзии. Министерката за труд и нејзините најблиски соработници моментално се под истрага на Генералниот инспектор на Министерството за обвинувања за недолично однесување. Меѓу обвинувањата се дека Чавез-Деремер имала афера со член на нејзиното обезбедување, чувала „залиха“ алкохол во својата канцеларија и користела државни ресурси за приватни патувања, додека нејзините соработници наводно се обиделе да насочат државни грантови кон политички поврзани лица, објави „Њујорк тајмс“ во март.
Според медиумски извештаи, скандалите не запреле тука. На сопругот на Чавез-Деремер, Шон Деремер, анестезиолог му бил забранет пристап до Министерството, по обвинувања за сексуално недолично однесување кон вработени.
Чавез-Деремер ги отфрли обвинувањата.
Таа беше на функцијата државен секретар за труд од март 2025 година, а претходно беше член на Конгресот како пратеник од сојузната држава Орегон. Нејзиното назначување беше оценето како неочекувано поради нејзините про-синдикални ставови.
Трамп во почетокот на март ја разреши и секретарката за внатрешна безбедност, Кристи Ноем.
На почетокот на април, и јавната обвинителка Пам Бонди која беше критикувана за постапувањето во случајот со Џефри Епстин, исто така беше принудена да ја напушти функцијата.
