Вести Македонија Топ вести

Дијалог или нов застој на релација Скопје-Софија, што ќе донесе победата на Радев на изборите во соседна Бугарија?

Резултатите на предвремените парламентарни избори ја доведеоа Бугарија на чекор до политичка стабилизација. Коалицијата предводена од поранешниот претседател на државата, Румен Радев убедливо победи, а исходот од соседството повторно ги отвори важните теми и прашања на Македонија поврзани со Бугарија.

Како ќе се одрази изборниот резултат на односите помеѓу соседите, ќе се развие ли дијалог или ќе останат блокадите?! Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, денеска му честиташе на Радев за успехот. Вели дека власта посакува билатералните односи во идниот период да се одвиваат во позитивна атмосфера.

„Да ставиме голем фокус на оние заеднички стратешки приоритети како што е Коридорот 8 каде што имавме и досега некое раздвижување, но со уште позасилена динамика да се движиме во заедничка реализација на тој стратешки проект. Да се фокусираме на билатералните односи во делот на економијата и трговијата. Ние веднаш по формирањето на Владата ќе преземеме соодветни дејствија и мерки за развивање на дијалог и се надеваме дека може да се најде некое соодветно, праведно решение коешто ја потврдува нашата желба за напредок кон евроинтеграцискиот пат, но земајќи ја предвид и самопочитта кон нашиот идентитет, јазик и историја“, изјави Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија. 

Стагнација или заострување на односите?! Ова е прашањето кое го отвораат невладините, во контекст на односите помеѓу Скопје и Софија. Анализите и ставовите на дел од невладините кои подолго време ги следат евроинтегративните процеси и регионалните односи, се дека перспективите се неизвесни и постои ризик.

„Моите очекувања се помеѓу статус-кво и влошување на односите. Статус-кво очекувам поради тоа што неговите ставови во врска со Македонија и процесот на евроинтеграции е познат и не очекувам да биде попустлив по тоа прашање, ниту пак да го отвора повторно прашањето. Ќе останат тие очекувања дека ние треба да ги исполниме условите. И познати се неговите врска со бугарските друштва во државата. Можеби ќе се случат и некои одредени тензии со бугарската заедница во Македонија кои ќе предизвикаат одредени реакции од бугарска страна“, изјави Димитар Николовски од Евротинк. 

Во меѓувреме, собранискиот спикер Африм Гаши денеска изрази надеж дека соседна Бугарија конечно ќе добие стабилна политичка Влада, а потоа и дека ќе се затворат отворените прашања помеѓу Скопје и Софија. Вели дека Собранието е подготвено веднаш да започне со постапка доколку се постигне политички договор и доколку нема нови идентитетски прашања во иднина.

Услов за Македонија да го продолжи својот пат кон Европската унија е вклучување на Бугарите во Уставот, барање кое произлегува и од Францускиот предлог.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Жена приведена во Ресен при обид за кражба

Tea Dimkovska

Вајц: ЕУ не бара менување на идентитетите, потребни се доверба и дијалог меѓу Скопје и Софија

Tea Dimkovska

За реконструкција на Владата Димитриевски смета дека ЗНАМ ќе продолжи и сака да менаџира со ресорите во кои е поставен

Tea Dimkovska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе