Нова млада молика никнува на Пелистер како резултат на воведен шумски ред, откако ланското невреме уништи над 1.000 стебла од најстарата моликова шума. Паралелно, ќе се формира експертска работна група која треба да предложи долгорочни решенија за заштита и обновување на овој редок екосистем. Од паркот велат дека активностите што ги презеле веќе ги даваат првите резултати, но предупредуваат дека без дополнителни мерки постои ризик моликата да исчезне и да биде заменета со други видови.
Ќе се формира експертска група за спас на моликовата шума во Националниот парк Пелистер, откако во невремето со силен ветер и снег минатата зима беа оштетени околу 1.100 стебла. Од раководството на паркот велат дека станува збор за сериозен проблем, но очекуваат новата работна група, која ќе се формира со одлука на Влада, да предложи долгорочни мерки за заштита и обновување на овој значаен екосистем
- Станува збор за луѓе кои што се одлични познавачи на НП Пелистер, но веројатно недостигаше иницијатива за обединување на тие експерти. За нас е важно што сите тие експерти ќе ги имаме на едно место. Сите тие експерти ќе имаат овластувања и обврски да постапат. Во фаза на формирање е таа работна група и до крајот на август 2025 ќе ги имаме првите конкретни предлог-решенија и заклучоци“, рече Иванчо Тошевски, директор на НП Пелистер. Од почеток до 35
По непогодата лани во која Пелистер изгуби голем дел од најстарата моликова шума, теренот беше расчистен и на критичните точки е воведен шумски ред, со што веќе има видливи резултати, велат од Националниот парк. Додаваат дека моликата бара простор и услови за обновување, а без интервенција постои ризик таа да исчезне и да биде заменета со други видови.
- На места каде имаше паднати, скршени стебла ги отстранивме, воведовме шумски ред и сега резултатите се видливи, на тие места може да се забележи поник од молика. Односно просторот се ослободи, продре светлина. Состојбата е стабилизирана и на расчистените површини веќе има поник од молика, вели Зоран Пројчевски, шумарски инженер НП Пелистер Битола. Од 35 до крај
Германскиот ботаничар Август Гризебах пред речиси два века за првпат го докажа постоењето на моликата по истражувањата на Баба Планина. Македонскиот бор, како што му е и официјалното име, е исклучително значаен ендемичен вид, а токму тој е причина што Пелистер во 1948 година е прогласен за национален парк, прв во државата.
Емилија Мисирлиевски
Б.С.
