Денеска (17.04.2026) околу 15.50 часот било пријавено дека на ул. Самоилова, под Кале, настанал пожар при што била запалена сува трева.
Исто така зафатени биле и три возила, а едно лице е повредено, информираат од МВР за Телма ТВ.
На местото интервенирале полициски службеници и Противпожарна бригада и пожарот бил изгаснат во 16.15 часот. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Од АРМ пак информираат дека со полесни повреди на едната рака при интервенирање за да се спречи ширењето на огнот и на други паркирани возила, се здобил професионалниот војник Христијан Божиновски.
Тој при заминување од работното место, забележал дека неколку паркирани возила се зафатени со пламен и побарал поддршка од командирот на воениот стадион во Скопје.
Во гаснење на пожарот интервенирале три противпожарни возила и осум пожарникари. Од скопската пожарна велат дека во пожарот три возила се делумно изгорени, а две целосно.
Командантот на Противпожарната бригада на Град Скопје, Звонко Томески за МИА изјави дека пожарот бил пријавен во 15:40 часот, при што било пријавено дека гори сува трева, смет и паркирани автомобили.
- Со брза интервенција на екипите, пожарот е локализиран и целосно изгаснат во 16:40 часот, информира командантот.
Фото и видео МИА
