Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска во Истанбул имаше билатерална средба со претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, на која изразила сочувство за жртвите во вчерашното пукање во средното училиште во Турција, и посакала побрзо закрепнување на настраданите.
„Турција секогаш била наш близок пријател и укажувала помош во најтешките моменти, како трагедијата во Кочани и се солидаризираме со турскиот народ“, рекла Сиљановска-Давкова.
Од Кабинетот на Силјановска Давкова соопштуваат дека двајцата претседатели се согласиле дека „потпишувањето на Заедничката политичка декларација за формирање Совет за соработка на високо ниво, е можност за подинамична и поструктурирана билатерална соработка, што ќе резултира со одржување на прва меѓувладина седница“.

Сиљановска-Давкова ја поздравила и турската дипломатска иницијатива – Балканска мировна платформа, оценувајќи ја како важен инструмент за јакнење на регионалниот дијалог и стабилност.
Обајцата се согласиле дека постои простор за зголемување на трговската размена и инвестициите и дека најавениот бизнис-форум во Турција може да биде одлична можност за унапредување на економската соработка.
На средбата се разговарало за статусот на турската заедница во општествениот и политичкиот живот низ призма на правичната и соодветна застапеност, како и за функционирањето на дел од образовните институции. Претседателите се уверени дека предизвиците со коишто се соочува турската заедница во нашата држава ќе бидат надминати.
Сиљановска-Давкова упатила покана до претседателот Ердоган за официјална посета на земјата.

Претседателката престојува во Турција по повод учеството на 5. Дипломатски форум во Анталија.
