Собранието го усвои предлогот за продолжување на кризната состојба на целата територија на државата до 20 јули оваа година, поради продолжените ризици од нарушување во снабдувањето со нафта и нафтени деривати. Одлуката која претходно доби поддршка и од комисијата за одбрана и безбедност и ќе стапи на сила од 21 април (вторник) по нејзиното објавување во „Службен весник“.
Продолжувањето на кризата, како што се образложува во одлуката, е условено од неповолната меѓународна безбедносна и енергетска состојба по ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток и сериозните нарушувања во транспортот на сурова нафта, особено преку Ормускиот теснец, кој е еден од клучните светски енергетски коридори.
Според процените на надлежните институции, по нападите извршени кон крајот на февруари годинава и последователното блокирање на поморските патишта, протокот на нафта низ Ормускиот теснец е значително намален, што создава ризик од глобален недостиг и зголемување на цените, со директни последици и врз домашниот пазар.
Владата веќе презема низа мерки за ублажување на последиците од кризната состојба, меѓу кои намалување на данокот на додадена вредност за енергентите и намалување на акцизите за дизелот и за безоловните бензини, со цел заштита на животниот стандард и обезбедување на стабилно снабдување.
Со денешното гласање Собранието им даде овластување на Владата и на надлежните институции и во наредниот период да продолжат со координирано управување со состојбата и со примена на мерки за обезбедување сигурно снабдување со енергенти.
