Вести Македонија Топ вести

Аврамов: Две кандидатки од граѓанскиот сектор не се повикани на интервју за членови на Комисијата за антидискриминација

Мрежата за заштита од дискриминација реагира дека Собранието повторно ги прекршува сопствените законски процедури при избор на член на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, обвинувајќи за нетранспарентност и селективен пристап.

Атанас Аврамов од Мрежата, во изјава за Телма, вели дека меѓу седумте кандидати објавени за интервју, ги нема двете кандидатки коишто доаѓаат од граѓанскиот сектор односно од организации членки на Мрежата. Според него, единствена основа за нивно исклучување би можела да биде нецелосна документација, но како што истакна, таква информација досега нема.

„Согласно законот, Комисијата треба да утврди предлог-листа од сите пријавени кандидати, по спроведена јавна расправа и со приложени материјали од сите пријави. Оттука, прашуваме каде се овие две уредно доставени пријави?“, реагираат од Мрежата.

Дополнително, Аврамов посочи дека Мрежата, која вообичаено добива покана да учествува и да присуствува на интервјуата, овојпат не била поканета како целина, туку покани добиле само неколку здруженија коишто се дел од неа.

„Ова отвора сериозни прашања за транспарентноста на процесот, особено ако се има предвид дека и претходниот избор беше неуспешен. Се наметнува дилемата дали се создава простор за избор на партиски кадар кој нема да биде доволно компетентен“, изјави Аврамов.

Реакцијата доаѓа откако на веб-страницата на Собранието беше објавен дневниот ред за денешната седница на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, на која треба да се одржи јавна расправа со пријавените кандидати. Според најавата, расправата е закана за 11 часот, а веќе во 14 часот Комисијата треба да го утврди кандидатот што ќе му го предложи на Собранието.

Тие предупредуваат дека ваквите постапки оставаат сомнеж за однапред донесени одлуки и го ограничуваат правото на еднаков пристап до функциите, нагласувајќи дека изборот на членови во независни тела мора да се темели на транспарентност, еднаков третман и почитување на демократските процедури.

Денеска по втор пат се бира член на комисијата за антидискриминација откако пропадна првиот обид, по скандалозното интервју на дел од пријавените кандидати.

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Жена приведена во Ресен при обид за кражба

Tea Dimkovska

Вајц: ЕУ не бара менување на идентитетите, потребни се доверба и дијалог меѓу Скопје и Софија

Tea Dimkovska

За реконструкција на Владата Димитриевски смета дека ЗНАМ ќе продолжи и сака да менаџира со ресорите во кои е поставен

Tea Dimkovska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе