Две лица од селото Корешница, Општина Демир Капија, се осомничени како соизвршители во кривичното дело Грабнување. Основното јавно обвинителство Кавадарци донесе Наредба за истрага
„Двајцата осомничени, на 12 април, заедно извршиле грабнување на лице со намера да го присилат да сними изјава со признание дека ја силувал сопругата на првоосомничениот 37-годишник. Неговиот соизвршител, 30-годишник од истото село, при грабнувањето употребил и пиштол, кој го репетирал и со кој му се заканил на оштетениот“, се вели во соопштението на обвинителството.
Притоа, се додава во дописот на обвинителството, тие го удирале со боксови, со пластичен предмет, пришто му нанеле тешки телесни повреди, а го развезувале со возило со црна ќеса на главата.
„Тие го качиле оштетениот во автомобил од дворот на неговата куќа во Неготино и се упатиле по стариот пат кон Демир Капија, а за цело време му се заканувале по живот и го удирале со боксови. Го фрлиле мобилниот телефон на оштетениот и му ставиле црни ќеси на главата за да не гледа каде го носат. Кога стигнале во шума, го извадиле од возилото и го терале да слуша аудио снимки и да признае дека тој е сниманото лице, но оштетениот за цело време негирал. Поради тоа, двајцата осомничени му се заканувале дека ќе го силуваат и ќе го убијат, па го удирале со боксови и со пластична цевка, нанесувајќи му тешки телесни повреди“, се наведува во соопштението на обвинителството.
Пред да му го фрлат мобилниот телефон, оштетениот, сепак, успеал да прати порака за помош во полиција.
„И соседите го виделе како влегува во возилото. Врз основа на овие информации, полицијата ги идентификувала грабнувачите и ги контактирала, а тие дознавајќи дека се откриени го однеле оштетениот во полициската станица во Неготино“, додаваат од обвинителството.
За кривичното дело Грабнување е предвидена казна затвор од најмалку четири години. Јавен обвинител до судија на претходна постапка предложил притвор за осомничените, откако проценил дека осомничените може да се дадат во бегство или да извршат ново кривично дело доколку се бранат од слобода.
