Православните христијани утре го одбележуваат Велигден, празникот на Христовото воскресение, кој се смета за најважен во православниот календар и симбол на победата на животот над смртта.
Според христијанското учење, Исус Христос воскреснал третиот ден по распнувањето. Велигден е централниот настан на христијанската вера и носи порака за надеж и вечен живот. Верниците се поздравуваат со „Христос воскресна“, на што се одговара „Навистина воскресна“.
Датумот на празникот се одредува според лунарниот календар – првата недела по полната месечина по пролетната рамноденица. Подготовките започнуваат со седумнеделниот пост, по кој следуваат Цветници и Страсната седмица, што кулминира со Велики петок.
Велигденската богослужба започнува на полноќ, а празникот продолжува со Светлата седмица, период исполнет со радост и без постење.
