Од 10 април 2026 година, Системот за влез/излез во Европската унија (EES) започна со целосна примена, носејќи нов дигитализиран начин на контрола на патниците на надворешните граници. Со овој систем, сите влезови и излези на државјани од земји што не се членки на ЕУ ќе се евидентираат електронски.
EES овозможува обработка на основни биометриски податоци, како отпечатоци од прсти и фотографија, со цел побрза идентификација и поефикасно следење на дозволениот престој.
Системот е директно поврзан со правилото за престој од 90 дена во период од 180 дена, што ќе овозможи попрецизна контрола на движењето.
Иако институциите уверуваат дека се преземени сите мерки за непречен проток на патници, се очекува можно зголемување на времето на задржување на граничните премини, особено за патничките возила.
Граничната полиција најавува засилено присуство и континуирано следење на состојбите на терен.
Кај товарниот сообраќај не се очекуваат значителни промени, но професионалните возачи треба внимателно да го следат бројот на денови на престој.
Во преодниот период до октомври, ќе се применува комбинирано броење – и преку електронскиот систем и преку печатите во пасошите, со цел полесна адаптација на новите правила.
